Размена на заробеници – резултат на мировните разговори за Украина во Абу Даби


 

Американскиот претседателски претставник Стив Виткоф изјави дека САД, Украина и Русија на разговорите во Абу Даби се согласиле да разменат 314 заробеници во „првата таква размена за пет месеци“.

Тој рече:

„Овој резултат е постигнат од мировни разговори кои беа детални и продуктивни. Иако останува значајна работа, ваквите чекори покажуваат дека одржливиот дипломатски ангажман дава опипливи резултати и ги унапредува напорите за завршување на војната во Украина“.

Виткоф додаде дека „дискусиите ќе продолжат, а се очекува дополнителен напредок во наредните недели“.

Украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров изјави дека терминалите на Старлинк што ги користи Русија за напади со беспилотни летала во Украина се деактивирани, а Киев продолжува да работи со операторот за да ги потврди и стави на „бела листа“ уредите во земјата.

Во објава на Телеграм, тој рече дека „белите листи“ се ажурираат еднаш дневно, велејќи дека тоа е „многу голем процес“ за проверка на сите уреди.

Во текот на викендот, Федоров му се заблагодари на Илон Маск за неговата посветеност да ги отстрани руските терминали на Старлинк што се користат за напади со беспилотни летала во Украина.

„Изгледа дека чекорите што ги презедовме за да го спречиме неовластеното користење на Старлинк од страна на Русија функционираа. Јавете ни се ако треба да се направи повеќе“, објави Маск на Икс.

Маск негираше во 2024 година дека терминалите на Старлинк се продадени на Русија; според украинските разузнавачки служби, руската армија добила терминали преку трети земји, а не преку официјален договор со Маск. Технолошкиот советник во украинското министерство за одбрана, Сергеј „Флеш“ Бескрестнов, рече дека исклучувањето на руските Старлинк има „катастрофално“ влијание врз руските трупи што дејствуваат во Украина

„Целата команда на трупите се распадна. Операциите за напад се запрени во многу области“, тврди тој во објава на Фејсбук.