Разговор на Ковачевски и Зеленски – Македонија ќе ја продолжи воената поддршка на Украина

„Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакна премиерот Ковачевски, според соопштението на владината прес-служба.
Во разговорот беше разговарано и за досегашната помош и поддршка која Македонија ја обезбедува за Украина. Зеленски ја истакна благодарноста до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка. Северна Македонија и како НАТО членка ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.
Посебен фокус на разговорот беше развојот на настаните на воениот фронт како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. „Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, ќе ја посетам Украина“, нагласи премиерот Ковачевски.