Ратко Младиќ во лоша здравствена состојба


Ратко Младиќ

Поранешниот воен командант на босанските Срби, генералот на некогашна Југословенска народна армија (ЈНА) Ратко Младиќ, кој во холандски Хаг отслужува доживотна затворска казна поради воени злосторства, е хоспитализиран и е во „лоша здравствена состојба“, изјавил за AFP неговиот син Дарко Младиќ.

Во кусиот телефонски разговор за AFP во Белград, Дарко Младиќ ја потврдил информациите во српските медиуми. Рекол дека неговиот татко поради кревкото здравје веќе една седмица е хоспитализиран. Прво бил во цивилна болница во Хаг, а од четвртокот се наоѓа во затворската здравствена установа на Меѓународниот резидуалниот механизам за кривични судови (MTPI) со седиште во Хаг.

„Здравствената состојба му е лоша. Тука во Србија е подготвен тим лекари кои би можел да замине да го види, но сѐ уште не знаеме дали тоа ќе им биде дозволено. Ќе бараме да го прегледаат токму овие лекари“, рекол Младиќ помладиот за AFP.

Службите на MTPI, на прашање на AFP да ги коментираат овие информации одговориле дека „не можат да коментираат здравствена состојба на осуденик, бидејќи станува збор за доверливи информации“.

Во јуни 2021 година MTPI ја потврди доживотната затворска казна за Ратко Младиќ за геноцид, за злосторства против човечноста и за воени злосторства сторени во текот на судирите меѓу етничките заедници во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Прогласен е виновен за геноцид поради неговата улога во масакрот во Сребреница, кога во јули 1995-та силите на босанските Срби убиле околу 8.000 муслимански мажи. Официјален Белград признава дека станува збор за страшно воено злосторство но дека не се работи за геноцид, како и дека бројката на жртвите, кои според нив биле главно војници на бошњачката војска во судирот е повеќекратно преувеличена.

Дарко Младиќ за неколку медиуми во Србија и во БиГ изјави дека неговиот татко боледува од „воспаление на белите дробови, собирање на течности во белите дробови и затајување на срцето“.

„Не знаеме кои се причините за затајување на срцето и дали Ратко Младиќ можеби доживеал полесен срцев удар. Не ги добивме наодите од испитувањата“, рекол неговиот син за белградски Новости.

Според истиот извор, Ратко Младиќ на почетокот од август бил болен од Covid-19, но „без сериозни симптоми“.

Дарко Младиќ навел и дека од мај здравствената состојба на неговиот татко „драматично се влошила“. „Во тешка ситуација е и ми се чини дека е животно загрозен. Не можеме самостојно да функционираме и му е потребна нега“, додал.

Руски медицински стручњаци, на чиишто изјави во 2016 година се повикуваше одбраната на Ратко Младиќ во текот на судењето, наведоа дека тој во минатото имал неколку полесни мозочни удари кои предизвикале пропаѓање на нервниот систем.