Растот на БДП лани бил 3 отсто, по жител достигнал 8.588 евра


Бруто-домашниот производ во 2024 година изнесуваше 964 милијарди денари и во однос на 2023 година е номинално зголемен за 6,8 отсто. Реалната стапка на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во 2024 година, во однос на 2023 година, e 3,0 отсто, соопшти денеска Државниот завод за статистика.

Најголемо учество во додадената вредност со 17,9 отсто во структурата на БДП во 2024 година имаат секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли и Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна.

Финалната потрошувачка во 2024 година во структурата на БДП учествува со 82,4 отсто.

Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2024 година e 61,7 отсто.

Вредноста на инвестициите во основни средства во 2024 година изнесува 226,48 милијарди денари.

Во техничката структура на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 53,6 отсто, машините и опремата со 35,7 отсто, а останатите инвестиции со 10,7 отсто.

По жител, домашниот бруто производ лани достиггнал 8.588 евра, сметано по тековен курс.

Прениерот Христијан Мицкоски денеска, во одговор на новинарско прашање за предврмени парламентарни избори, се пофали и со податоците за растот на БДП.

„Еве денеска излегува ревидиран БДП за 2024 година од три проценти, еден од најголемите во Европа… Одиме и над тоа. Тоа е над сите очекувања на Меѓународниот моментарен фонд и Светска банка. Би било навистина жално ако  сите овие позитивни индикатори ги прекинеме  со предвремени парламетарни избори. Ние како политичка партија го ставаме државниот интерес пред партиските емоции“, рече Мицкоски.