Расте револтот меѓу сточарите – си ги бараат субвенциите за ланската година по грло добиток 

Сточарите годинава ќе добијат денар повеќе за предадено литар млеко во млекарниците. Но во исто време, млекарниците им ја намалија откупната цена по литар откупено млеко во просек по еден денар


 

БИТОЛА – Расте притисокот од македонските сточари кон власта за доисплата на субвенциите по грло добиток за кравите, овците и козите за 2024 година. Во нив има уште револт за намалените субвенции по грло со програмата за годинава, иако за разлика од лани ќе добијат денар повеќе за предадено литар млеко во млекарниците.

Но, како што велат сточарите, за да биде ситуацијата уште потешка за нив, млекарниците им ја намалија откупната цена по литар откупено млеко во просек по 1 денар. Па народски објаснуваат: „Работата е танте за кукурику“. Колку што треба да добијат толку и губат.

Досега на говедарите им е исплатена само една третина од субвенциите, од вкупно 12.000 денари по крава. Пред Нова година зедоа парцијално по 4.000 денари од грло (исплатени над 201 милион денари). Околу 6.200 говедари бараат доплата за кравите, сума од над 400 милиони денари, која треба да се слее во нивниот буџет.

„Во ситуација кога прибираме храна за стоката и имаме големи трошоци, оставени сме без пари. Ги чекаме субвенциите за кравите, а тие се само ветување. Ни должат по 8.000 денари од грло. Јас имам 14 крави и тие над 1.800 евра ми се потребни сега, не по две години. Ова е период кога се сади луцерка, сега се садат нивите со сточна храна, пченка“, реагира Тони Петковски, сточар од село Велушина. 

И овчарите ги чекаат субвенциите да им се доисплатат. Пред Нова година, над 2.000 овчари, зедоа само 600 денари по овца.

„По новата програма за годинава, за да добиеме субвенции мора 50 проценти од јагнињата да ги однесеме на колење во регистриран кланичен капацитет, ни даваат 3.000 денари по овца. Ако сами го продадеме јагнето губиме 2.400  денари по грло, и ни се исплаќа само 600 денари по јагне. Разликата во пари и тука е голема. Условени сме од државата, а субвенциите за лани ги нема“, велат овчари.

Венцо Ангелов од село Видовиште, кочанско, реагира дека и козарите се оставени без пари, а трошоците на фармите растат. Лани во декември над 430 козари зедоа 2.000 денари по грло.  

За одгледувачите на говеда ситуацијата е уште поотежната откако млекарниците овие два месеци ја намалија откупната цена на млекото. Таа досега се движеше од 29 до 32 денари по литар, во зависност од откупувачот и квалитетот на млекото. Сточарите сега отворено негодуваат дека не може чисто млеко од крава во просек да биде 30 денари за литар, а млекото мешано со вода во продавниците да биде 80 денари за литар. Од друга страна велат тој 1 денар што им го даде државата со повисока субвенција годинава, им го „јаде“ млекарницата со намалување на цената на откупот.   

„Ни ја намалија откупната цена на млекото и не ни кажаа зошто. Нѐ тепаат и не ни даваат да плачеме. Само објавија на огласни табли дека цената се намалува. Како сточари сме во незавидна ситуација. Млекото мора да го дадеме на откуп за да земеме субвенции. Ама дали тука има игра? – државата ни дава 1 денар по литар плус, а млекарата ни скрати, танте за кукурику е работата“, вели говедар од битолско и се жали дека како поминува времето дел од млекарниците за поголем профит увезуваат млеко од странство или користат полуобработено млеко, со што директно удираат врз сточарството во државата.

Од тука сточарите апелираат: „Ги повикуваме сите надлежни институции и откупувачи на млеко да покажат разбирање и поддршка за домашното производство. Без вистинска цена – нема опстанок за македонскиот сточар!“, реагира сточарот Беким Беџети.

Млекарници со кои разговаравме велат дека цената на откупното млекото е намалена бидејќи е намален и квалитетот на млекото во пролет и дека тоа е така секоја година.

„Точно е дека во април и мај ја намаливме цената за откупеното млеко, од 0,3 до 0,5 денари по литар, но тоа е поради намалениот квалитет на млекото во поглед на млечната маст и протеините, што се случува во пролет. Некои од млекарниците можеби ќе ги вратат цените од јули, има најави. Падна откупната цена на млекото и во Србија што секако има влијание и врз цената на млекото и во нашата држава. Таму литар млеко се откупуваше за 53 евроценти, сега е 48 евроценти“, велат наши соговорници од млекарници во пелагониско.

И според нив апсолвирано е дека во државата има дефицит на млеко и дел од млекарниците увезуваат полусуровини и суровини што секако влијае на пазарот во државата со што паѓаат и цените на производите што се направени со домашно млеко.     

Инаку, во изминатиот период во континуитет следат препукувања меѓу власта и опозицијата околу исплатата на субвенциите за сите гранки.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вели дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ исплатила 8 милијарди денари за субвенции за 10 месеци.

Тој го обвинува претходниот министер Љупчо Николовски дека со заминувањето од власта оставиле долг со неисплатени субвенции и по грло добиток и по литар млеко.

Минатата недела во телевизиско гостување Трипуновски најави дека за многу скоро ќе следи исплатата на субвенциите за сточарите.  

„Согласно последниот законски рок 30 јуни, многу брзо од денес од ова интервју, на сметките ќе ги добијат основните субвенции одгледувачите на овци во Република Македонија и одгледувачите на говеда“, најави тој.

На 15 април годинава, Министерството за земјоделство ги исплати субвенциите на сточарите за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко за втората половина од 2024 година. Според официјални информации исплатени беа 4.574 млекопроизводители со вкупен износ од 292 милиони евра.

Како поминува времето сега сточарот Тони Петковски од Велушина, вели дека стаса за плаќање и првиот квартал од 2025 година за предадено млеко.

Според новата програма за субвенционирање на сточарите, субвенцијата по литар млеко се зголемува за 1 денар, што значи 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко.