Расте испораката на нафтени деривати од Русија на Блискиот Исток
Сите руски резерви завршуваат во нафтен терминал во пристаништетот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати
Од февруари 2022 година, Русија секој месец го зголемува обемот на испораки на нафтени продукти на Блискиот Исток. Во јуни, извозот достигна рекордни 155.000 барели дневно од 2016 година, пишува Блумберг.
Според аналитичката компанија „Вортекса“, во јули обемот на испораки треба да достигне уште поголема вредност – 220.000 барели дневно. Најголем дел од увозот на Блискиот Исток е мазут. Во помала мера се бараат бензин, керозин и дизел гориво.
Блумберг забележува дека повеќе од една третина од сите руски резерви завршуваат на нафтениот терминал на ОАЕ лоциран во пристаништето Фуџаира. Не е лесна задача да се утврди што ќе се случи со горивото откако ќе се испорача, рече Коен Веселс, висок аналитичар за нафтени производи во консултантската фирма „Енерџи аспектс“. Тој истакна дека нафтените деривати може да се мешаат при товарење во резервоари за складирање, што дополнително го отежнува процесот на одредување на нивното потекло.
Нафтениот аналитичар во „Тарнер, Мејсон и Ко.“, Џонатан Лејт, призна дека во иднина земјите од Блискиот Исток може да почнат да испорачуваат руско гориво на европскиот пазар под маската дека е нивно сопствено.
И покрај зголемувањето на испораките на Блискиот Исток, Русија нема да може да го компензира падот на европскиот увоз, кој е намален за повеќе од половина милион барели дневно од почетокот на војната, пишува Блумберг.
Во март, САД одбија да увезуваат руска нафта. На почетокот на јуни, Европската унија почна да презема слични мерки: шестиот пакет санкции вклучуваше делумно ембарго на поморските испораки. Одбивањето на руската нафта за европските земји ќе биде етапно: околу шест месеци за нафтата и до осум месеци за нафтените деривати. Во исто време, испораките на нафта преку цевководи не беа предмет на санкции.