Раст на платите и зачувување на работните места во администрацијата и правосудството бара УПОЗ од политичките партии


Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), денеска до политичките партии кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори упати барања со кои побара унапредување на правата од работен однос на вработените во администрацијата и правосудството.

Барањата, како што соопштија од Синдикатот на УПОЗ, се испратени до сите политички партии и оттаму сметаат дека тие се од голема важност за вработените во администрацијата и правосудството.

Првото барање, наведуваат, е доследна примена на одредбите од колективните договори и афирмирање на социјалното партнерство; потоа сразмерен раст на платите во администрацијата и правосудството со порастот на минималната плата; најавената реформа и спојувањето на институции во администрацијата да се спроведе без губење на работните места, особено на референтите кои се со најниски плати во државата; мораториум за нови вработувања и вработувања на определено време се додека не се исцрпат можностите за унапредување на вработените во администрацијата и правосудството; укинување на одредбите од Законот за извршување на буџет кои ја ограничуваат или стопираат исплатата на надоместоците и додатоците на плата за вработените; измена на законските оредби со кои ќе се предвиди Колективните договори да важат исклучиво за членовите на Синдикатот; како и коренити реформи во судовите и јавните обвинителства и усогласување на платите на судските и јавнообвинителските службеници со платите на судиите и обвинителите.

– Ова се само дел од барањата кои Синдикатот на УПОЗ ги упати до политичките партии и воедно ги повика одговорите да ги достават најдоцна до 08.07.2020 година, на e-mail адресата на Синдикатот [email protected]. Синдикатот на УПОЗ изразува подготвеност да одржи работни средби со политичките партии на кои дополнително ќе ги образложи своите барања, се вели во соопштението.