Распишан тендерот за системот за јавен транспорт Бас рапид транзит


Денеска бил распишан тендерот за изградба на системот за јавен транспорт во Скопје наречен бас рапид транзит, најави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

– Со гордост можам да кажам дека денес е објавен тендерот за реализација на Бас Рапид Tранзит системот. Со ова правиме крупен чекор напред кон изведба на современ, еколошки, брз и ефикасен јавен превоз. За само четири години, успеавме да го реализираме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно условите кои ги овозможува денешното Скопје, со овие зборови градоначалникот на Скопје, Шилегов ја започна денешната прес-конференција.

Тој вели дека Скопје е првиот град на Балканот кој ќе воведе БРТ систем, што не е само успех за градот туку и целата држава.

– Добиваме јавен транспорт по пример на светските метрополи кој е прогласен за најеколошки проект од страна ЕБРД. Ефикасноста и исплатливоста на оваа инвестиција за Скопје е потврдена од низа домашни и меѓународни експерти кои се вклучени од самиот почеток во реализација на идејата. На решението работеа најреномираните експерти од нашите универзитети во Скопје и Битола, Белград, Лондон и Брисел. Важно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект, се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, каде Скопје е член од 2019 година – нагласи Шилегов.

Тој појасни дека клучните предности и придобивки кои скопјани ќе ги имаат оваа инвестиција и што таа ќе значи за квалитетот на животот и животната средина се големи.

– Проектот опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминали, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден – додаде Шилегов.

– Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се преполови. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути. Автобуси ќе има на секои 3 до 4 минути по примерот на метро превозот. Бидејќи БРТ функционира во посебна траса, независна и непречена од другиот сообраќај, превозот е исклучително точен и навремен како и самиот метро превоз. Патниците точно знаат во која минута пристигнува автобусот и во која минута од часот стигаат на посакуваната дестинација. Автобусите ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри, продолжува Шилегов.

Шилегов смета дека на овој начин Скопје добива брз, безбеден и одржлив јавен транспорт кој ќе биде доволно атрактивен што ќе овозможи директно намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и индиректно ќе го намали и аерозагадувањето во делот на сообраќајот. Сите други автобуси и линии во Скопје ќе се поврзуваат со БРТ системот по примерот на светските метрополи. Патниците од подалечните места ќе имаат линија која ќе ги носи и спојува со БРТ за целосно поврзана и ефикасна мрежа за транспорт.

– Се радувам што ова на некој начин е верификација на еколошките политики коишто ги креираме како градска администрација и што после неколку децении конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот. Остануваме и понатаму посветени не само на унапредување на одржливата урбана мобилност во градот која е своевидна гаранција и за урбаниот развој на градот и генералното унапредување на квалитетот на живот на нашите сограѓани, порача Шилегов.