Распишан тендерот за изградба на брана на реката Отиња


Министерството за транспорт и врски распиша јавна набавка за избор на најповолен понудувач за изградба на брана на реката Отиња.

Како што соопшти денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, проценетата инвестициска вредност за изградба е 460 милиони денари или 7,5 милиони евра. Средствата се обезбедени од Буџетот на Министерството за транспорт и врски, а рокот за реализација е планиран на 30 месеци.

Браната е со висина од 34 метри и е во непосредна близина на градот, а ќе биде наменета за технолошка вода и за заштита од поплави, додека во втора фаза и за производство на електрична енергија. Според министерот, местото ќе биде и рекреација за штипјани и за други граѓани од државата.

Браната е неколку децениски сон на штипјани. Таа ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении со што Штип ќе добие нова реалност. Кога ја преземав градоначалничката функција, пред неполни три години, не затеков никаква документација. Готов проект немаше во Општината. Влегов со огромен ентузијазам за реализација на овој капитален проект. Многу луѓе ме одвраќаа од намерата, не веруваа  дека е возможно, ме предупредуваа на внимателен пристап затоа што многу децении ова останало само ветување. Но, знаев дека ако работиме посветено резултатите ќе дојдат, рече Бочварски на прес-конференција.

Како претходен градоначалник на Општина Штип, тој, заедно со сите вклучени институции и експерти го изработил проектот, бил донесен  ДУП, се обезбедило одобрение за градба и биле одобрени средства од Владата.

Заменик градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов истакна дека денеска е посебно важен ден за Штип, зашто почнува процесот за изградба на најважниот проект за градот, брана на река Отиња.

-Почнува остварувањето на повеќедеценискиот сон на штипјани за брана на реката Отиња. Денеска јавноста е сведок дека преминуваме од зборови на дела. Беа потребни тони хартија за да се изработи проект, да се обезбедат и добијат сите потребни дозволи, документи, проценки, за конечно да го направиме овој значаен чекор, распишување на јавна набавка за избор на најповолен изведувач на овој капитален објект, истакна Миланов.

Бочварски и Миланов посочија дека во овој процес заслуга имаат луѓе и многу институции меѓу кои, поранешните министри за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и Трајан Димковски, поранешниот министер за транспорт и врски, Горан Сугаревски, како и премиерот Зоран Заев кој, рекоа, секогаш имал слух за потребите на граѓаните.