Распишан огласот за доделување земјиште за стратешки култури

Владата на денешната седница го распиша наменскиот јавен оглас за доделување 5.722 хектари земјоделско земјиште во 14 региони, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Земјиштето ќе се дава исклучиво за одгледување стратешки култури: пченица, пченка, јачмен, сончоглед рж, ориз, маслодајна репка, добиточен грашок и тритикале. Ќе се доделуваат, напомена министерот, 700 парцели од над три хектари.
Постапката за аплицирање ќе трае само 20 дена, а со јавното наддавање вкупно 30 дена.
-Ниту една обработлива површина не смее да остане незасадена. Храна мора да има, ќе го задржиме и ќе го зголемиме производството, ќе ја намалуваме зависноста од увоз, а цените ќе ги држиме на најниско можно ниво, рече Николовски.
Според него, на следните владини седници ќе следат и други огласи за останатото земјиште кое е на располагање.