Распадот на СЈО ќе го спречи испитувањето на непотизмот


Вработените во Специјалното јавно обвинителство одат секој ден на работа и чекаат Министерството за правда да направи измени на Законот за јавнообвинителска служба за да ја земат идната плата, сега кога официјално се обезглавени, без специјален јавен обвинител и без други обвинители. Додека тие се во неизвесност и немаат ни кому да му дадат отказ, на дел од ќерките, братучедите и блиските роднини на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и на другите обвинители, им одговара оваа состојба бидејќи институциите многу тешко ќе можат да ги испитаат вработувањата во веќе згаснатата институција.

Обвинителката Елизабета Јосифовска, која во СЈО ја вработила својата ќерка, во изјава за „Независен весник“ не ја негираше информацијата, но рече дека сите обвинители се договориле да не коментираат.

„Се договоривме дека нема да даваме изјави и дека нема да коментираме какви било изнесувања на политички партии и други субјекти, кои и да се. Нема да даваме никакви изјави по повод тие прашања“, ни рече Јосифовска.

Фото: Б. Грданоски

Според нашите информации од Антикорупциската комисија, овие вработувања ќе се испитуваат, но тешко дека ќе има некаков исход со оглед на тоа што во СЈО нема ниту потписник ниту раководител.

Во Државната комисија за спречување на корупцијата пријава за партиски вработувања во Специјалното јавно обвинителство била поднесена уште во 2018 година. Според наводите на пријавата, директор на едно државно претпријатие близок до власта ги вработил своите блиски во други државни институции, меѓу кои и во Специјалното јавно обвинителство. Но по оваа пријава не било постапено бидејќи во тој период Антикорупциската комисија не функционираше, односно беше без членови. Оваа пријава е дополнета и со информациите што завчера на прес-конференција ги обелоденија од ВМРО-ДПМНЕ за 25 случаи на непотизам при вработувањата во СЈО. Некои од вработувањата што ги изнесоа ВМРО-ДПМНЕ сепак не се точни. Според нашите информации, не се точни информациите дека во СЈО бил вработен синот на Игор Милев, близок соработник на премиерот Зоран Заев и сопруг на судијката во Апелацискиот суд, Тања Милева. Милев воопшто немал синови. Меѓу вработените не е ни Пане Нацев, а ќерката на членот на Советот на јавни обвинители, Коле Штериев, Теа Штериева, воопшто не била вработена во СЈО, туку неколку месеци одела на пракса, односно волонтирала во СЈО. Но точно е дека во СЈО била вработена братучетка на обвинителката Ленче Ристоска, дека обвинителката Елизабета Јосифовска си ги вработила својата ќерка и братучедот. Таму биле вработени и двајца братучеди на обвинителот Гаврил Бубевски, Ефтимија и Љупчо Чучурски, роднина на министерката за правда Рената Дескоска, а најмногу блиски вработила токму поранешната шефица, Катица Јанева. Во СЈО го вработила внукот од нејзината сестра, девојката на нејзиниот син, ќерката на нејзиниот пријател Сашо Василевски, а шоферот од гевгелискиот суд си го вработила како нејзин личен шофер. Од најекспонираните обвинители, единствено Фатиме Фетаи не вработила никој свој. Од опозициската партија велат дека ова се само дел од партиските вработувања и од непотизмот на обвинителите во СЈО и бараат да се формира анкетна комисија за СЈО.

Фото: Б. Грданоски

„Собранието е должно да го обелодени досегашното функционирање на СЈО, кое требаше да биде пример за институција која ќе биде имуна на партизација, непотизам и беззаконие. Уште еднаш апелираме до пратеничките групи во Собранието да го поддржат предлогот за основање анкетна комисија и заедно да помогнеме јавноста да има увид во досегашното работење на Специјалното јавно обвинителство и на Катица Јанева како шеф на оваа институција“, побараа од опозицијата.

Според досегашната пракса, ниту една анкетна комисија што била формирана во Собранието не дошла до вистината за кој било случај, а од Антикорупциската комисија велат дека испитувањето на овие случаи ќе биде обемно и тешко. Тие требало да ги проверат наводите преку Управата за водење на матичните книги каде треба да бараат физички извод по извод бидејќи немаат директен пристап до документите поради тоа што софтверот не е подготвен. Потоа треба да спроведуваат кој со кого е во врска и дали има нешто незаконско во постапките за вработување.

„Ние ќе продолжиме да бараме информации и документи, но кога ќе поминат 60 дена од последното барање на информации ќе треба да ја известиме јавноста за исходот“, велат од Антикорупциската комисија. Оваа постапка најверојатно ќе зависи и од политичкиот договор за законот за јавно обвинителство со кој се очекува да се реши статусот на вработените кои официјално се вработени до 15 септември 2020 година. Дел од нив можно е од СЈО да преминат во редовното јавно обвинителство, па хипотетички Антикорупциската комисија не би имала пречка да ги испитува таму.

Сепак, некои од вработените што се најдоа на списокот на ВМРО-ДПМНЕ можеби се колатерална штета. Ќерката на сегашниот директор на истражниот затвор во Шутка, Есад Рахиќ, каде што е во притвор Јанева, била вработена во СЈО. Рахиќ во изјава за „Независен весник“ вели дека во 2016 година, кога ќерка му се вработила во СЈО, тој бил невработен и немал никаква политичка моќ.

„Во 2016 година ниту сум имал партиска функција ниту сум бил член на кој било орган и бев невработен. Таа се јавува најрегуларно на конкурс и како најдобра ја примаат. Што треба, моето дете да седи без работа? Јас не сум ургирал ниту сум имал каква било политичка моќ да направам што било. Овие обвинувања доаѓаат од партија во која премиерот си го постави првиот братучед за шеф на тајна служба, а другиот братучед за шеф на царината“, вели Рахиќ.

По формирањето Антикорупциската комисија, веднаш почна да ги чешла вработувањата на блиски роднини на функционерите во државните институции, а најмногу во МЕПСО и ЕЛЕМ. Дел од нив дадоа сами оставки, а за дел Антикорупциска констатираше дека биле вработени без никакво образложение, зашто од стотина пријавени кандидати биле избрани токму блиските роднини на пратеници, министри и други функционери.

Во СЈО се земале 20 пати повисоки плати од просекот

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со нови обвинувања за работењето на Специјалното јавно обвинителство, а портпаролот на партијата Димче Арсовски тврди дека таму се трошеле милионски суми за плати кои биле 15, па дури и 20 пати повисоки од просекот.Тој тврди дека Јанева секој месец земала 330.000 денари месечна плата, односно за четири години зела 257.000 евра.

„И замислете, малку и биле овие пари на Катица Јанева, па земала и секој месец по 400 евра во просек за кирија, иако има два стана во Скопје, што се во сопственост на нејзините деца.Вкупно за кирија за 4 години државата и граѓаните на Катица Јанева и плаќале 20.000 евра. Дали е точно дека јавен обвинител во СЈО земал плата 120.000 денари бруто, односно 80.000 денари нето плус додаток од 160.000 денари секој месец,или дали е точно дека вкупно еден обвинител во СЈО земал месечна плата од 4.000 евра нето? За 4 години тоа е вкупно околу 192.000 евра нето плата за специјален јавен обвинител односно јавен обвинител во СЈО. Еве на пример за јавноста да биде информираме го повикуваме да одговори Гаврил Бубевски дали волку пари земал плата изминативе 4 години. Или пак да прашаме дали е вистина дека првата братучедка на Гаврил Бубевски, Ефимија Чучурска која е обичен службеник во СЈО земала месечна нето плата од 29.000 денари плус дополнителен бонус од околу 55.000 денари секој месец што значи дека  вкупно плата месечно околу 84.500 денари? Еве и за неговата прва братучетка нека одговори исто Гаврил Бубевски“, повикаа од опозицијата.

Фросина Факова-Серафиновиќ