Рашкоски тврди дека „огромната сума злоупотребени пари“ се свеле на 475 евра!
Кога обвинител ќе промаши 99% во обвинителниот акт – тоа зборува за каков стручњак станува збор. Кога во сето тоа ќе внесе мали деца со цел да предизвика омраза – тоа кажува за каков (не)човек станува збор.Кога приватно сте лош човек или непрофесионален цената ја плаќате самите, но кога тоа ќе го правите во службата, тогаш подлежите на кривична одговорност и разрешување.
Со овие зборови на јавноста денес и се обрати Драги Рашковски кој тврди дека обвинителката Ивана Трајчевска по две години признала дека нема докази за тоа што го обвинуваше изминатите две години.
-Ивана Трајчева две години тврди дека на сметките на моите малолетни деца има огромна сума на незаконски средства. Милиони…. За на последното рочиште, сама, од немај каде, не дека и проработи свеста, да смени дека од моја страна на нивните сметки се внесени 475 евра!!! Да. 475 евра. За толку две години се труе јавноста. Сега ќе треба да им погледне во очи на сите судии кои ги лажеше овие две години за да блокираат средства убедувајќи ги дека има докази дека станува збор за сериозен криминал.
Судиите како да се претворија во неми послушници на барањата на обвинителите. Како за притвор, така за времени мерки, така и за претреси. Демек ова право на обвинителите “им е од бога дадено”, а тие се само исполнители на нивните желби. Не само глупоста, туку и злобата нема граници. На последното рочиште ЈО Ивана Трајчева направи 3 потези за кои Советот на Јавни обвинители веќе не смее да остане нем набљудувач.
1. Откако призна дека нема ништо криминално, а и незаконско зголемување на мојот имот (кој патем се има зголемено за 4.000 евра додека сум бил на функција), ЈО Ивана Трајчева направи досега невидено “Salto mortale” во обвинителската историја. Во својата изјава вели дека бидејќи обвинителството не можело да најде ништо незаконско во моите средства, ја испратиле документацијата до ДКСК за тие да најдат!!! Замислете, на затворена истрага, јавен обвинител праќа материјали до друга институција која нема законска можност да гони кривично да врши истрага, само затоа што тие не успеале да најдат ништо незаконски. Мора да има криминал затоа што она така сака?
2. Откако е веќе јасно дека случајот “Софтвери” е беспредметен, без никакви докази за сторено кривично дело, а на површина излегуваат, односно најверојатно сами си ги вадат скриените намери, ЈО Ивана Трајчева поднесува обвинителен предлог против мене за сторено кривично дело “Фалсификување исправа”, притоа покажувајќи основно непознавање што е тоа картица од партија која банката ја издава. Просто е за неверување дека јавен обвинител кој работи во организиран криминал не знае што е картица од партија. Со ова ЈО Ивана Трајчева ја обвинува во позадина и НЛБ Банка дека издала фалсификат документ. Кому му се сите криви? Се знае како е поговорката.
3. После 2 години и се разјасни дека не може средства од 2017 и 2015 кога и не сум бил ни функционер да потекнуваат од 2019!!! Ете за таква динамика на логика правиме муабет во обвинителниот акт.
Обвинителот кој ќе промаши 99% не се вика ОБВИНИТЕЛСТВО. Не е тоа одраз на состојбата во обвинителството. Таму има многу стручни правници. Има име и презиме. Се вика Ивана Трајчева.
Затоа кога некој ќе направи фрапантно промашување, слободно кажете му “Ај не ми се прај Ивана Трајчева”“, додава тој.
Трајчева пак, за МКД.мк вели дека тоа што ја намалила сумата на пари која Рашковски ја стекнал незаконски не значи дека не е виновен за кривичното дело за кое е обвинет.
„Со оглед на тоа што не се утврди точно од кое кривично дело потекнуваат парите од 2017 година до првата уплата од предметните јавни набавки, а притоа од сите податоци, односно докази што се набавени не произлегува дека можел да ги стекне на легален начин овие парични средства, од тие причини направив измена во обвинението, го намалив временскиот период и го намалив износот на паричните средства, но истото кривично дело му останува. Висината на парите не е квалификаторен елемент и не влијае врз определување на казната. За казната не би можела да кажам, тоа е одлука на судот дали ќе има осудителна или ослободителна пресуда и доколку има осудителна, колкава би била казната“, вели Трајчева за МКД.мк.
Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во октмоври 2021 година поднесе обвинение против Рапковски и против други шест лица поради злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Според обвинението, Рашковски со умисла помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела.
„Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици“, пишува во обвинението.
Дополнително, обвинителката Трајчева поднесе кривична пријава за ново кривично дело, фалсификување исправа.
Според Трајчева, Рашковски свесно употребил лажен документ од банка за кој знаел дека не е точен, за да докаже невиност во случајот „Софтвери“.