Расчистена депонијата под Кале


Актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Горан Герасимовски, денеска, заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски, учествуваше на акцијата за чистење на депонијата кај полигонот на Кале.

Како што посочи Герасимовски, хигиеничарите на ЈП ПОЦ заедно со службите на Општината се постојано на терен. Тој нагласи дека Општината во соработка со ПОЦ изнајмува дополнителна механизација за да го отстрани ѓубрето кое, како што рече, се прелева на улиците.

– Изминатите четири години сработуваме она што и Град Скопје не го сработува, заедно со нашите тимови на луѓе, заедно со хигиеничарите на ПОЦ, заедно со сите вработени постојано сме на терен. Денеска се чисти овој дел под Кале, добро познатиот полигон каде што се соочувавме со огромна депонија. Нема да дозволиме центарци да се гушат во смет. Секојдневно нашите служби се на терен, дури и во ноќните часови. Како Општина заедно со Јавното претпријатие ПОЦ изнајмуваме дополнителна механизација за да цело ѓубре што се прелева на улиците, па и на други депонии, биде отстрането од наша страна, рече Герасимовски. 

По завршувањето со чистење на депонијата во населбата Крњево, Герасимовски истакна дека Општината продолжила со чистење на депонијата во Градскиот парк, на местото од старите бараки на судот кои изгореа во пожар пред неколку години.

– По завршувањето со чистење на депонијата во населбата Крњево, продолживме со чистење на депонијата во парк, на местото од оние стари бараки на судот којшто беа изгорени. Тој простор сега се уредува и во моментов се уредува просторот под Кале. Нашите служби заедно со мене, заедно со директорот на ПОЦ, ќе бидеме постојано на терен за да го дигнеме нивото на хигиена на што повисоко ниво, рече Герасимовски.