МВР: Кривична пријава за насилство против напаѓачот на Бислимоски


(Фото: принтскрин од видео од социјални мрежи)

МВР ќе поднесе кривична пријава против А.Џ. за физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот доцна вечерта.

„Во врска со случајот кој синоќа, околу полноќ, во СВР Скопје го пријави М.Б. (45) од Скопје дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ.(28) од Скопје, ја известуваме јавноста дека случајот е целосно расчистен и против А.Џ. ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ. Веднаш по пријавувањето на настанот, преземени се содветни мерки за расчистување, односно изготвено е писмено известување до ОЈО Скопје, извршени се разговори со сведоци на настанот, обезбедена е видео снимка, извршен е разговор со пријавениот А.Џ., кој во целост го призна делото, и по консултација со јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ“, се вели во соопштението до медиумите.
Медиумите пишуваа дека станува збор за Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, кој физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот доцна вечерта.
Според очевидци, Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколку минутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.

Видеа од овој случај беа објавени на социјалните мрежи.