Радикалните структури може да предизвикаат трагични последици, вели Пендаровски


 

Претседателот Стево Пендаровски вели дека неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Пендаровски, како што се наведува во соопштението, посочи дека времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и дека за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.

„Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече запоставениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации“, истакна Пендаровски вчеравечер во обраќањето на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Пендаровски ја посочил важноста на одбележувањето на 75 годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека човековите права не се привилегија, помодарство или идеолошка конструкција. Тие се неотуѓив дел од човековото битие, цивилизациско достигнување и услов за мирот во светот и опстанокот на човештвото.

„Во таа смисла, сите критики што доаѓаат од националистите или т.н. суверенисти од различна идеолошка провиниенција, дека човековите права се креација на западниот либерализам, се само изговор за легитимирање на домашната репресија, или за случаите на надворешна агресија“, рече претседателот.

„Времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации кои доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации“, истакна шефот на државата.