Радев ја демантира Сиљановска: „Обврските од договорите мора да се исполнат“
Бугарскиот претседател тврди дека не молчел за предлогот на Сиљановска за уставни измени со одложено дејство и дека на претседателката ѝ кажал дека меѓународните обврски мора да се исполнат
Бугарскиот претседател Румен Радев го демантираше тврдењето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова дека на нивната средба во Баку не го коментирал предлогот на македонските власти за уставни измени со одложено дејство
„Сиљановска, како добар правник, многу добро знае дека обврските преземени според меѓународните договори едноставно мора да се исполнат“.
Ова го изјавил Радев на прашање на новинарот на БГНЕС.
Во интервју за Македонската телевизија во понеделникот вечерта Сиљановска рече дека со Радев разговарле повече од еден час на климатскиот самит во Баку. „Од прва рака му го објаснив на радев нашиот став за којшто има консензус меѓу Владата и мене. Реков дека е најдобро јас да му го соопштам тоа што им го соопштувам и на останатите претставници и ЕУ и останатите земји, наши пријатели… бидејќи решението со одложено дејство е најразумно“, рече претседателката.
Сиљановска додаде дека од Радев немало коментар, но оти таа ја разбира состојбата во Бугарија, неможноста за формирање влада и за институционализирање на дијалогот и меѓу Владите, односно нашето МНР и нивното.
Радев денеска вели дека работите не биле такви како што ги претстави Сиљановска:
„Искажав многу јасна оценка и уште еднаш подетално ја запознав г-ѓа Сиљановска со преговарачката рамка и општиот европски консензус од јуни 2022 година, усвоен и од тогашната владата на Северна Македонија. Ја запознав и со нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка и, што е многу важно, со вториот протокол според овој Договор. Тоа се меѓународни обврски, а г-ѓа Сиљановска, како добар правник, многу добро знае дека обврските преземени според меѓународните договори едноставно мора да се исполнат. Уште еднаш ја истакнав нашата подготвеност да помогнеме за побрзо да се достигнат условите поставени во овие меѓународни документи, за да се отвори вратата за почеток на преговорите“, рекол Радев.
Вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав е услов за почеток на преговоритепо кластери меѓу Македонија и ЕУ.