Рациновото признание за 2022 доделено на Александар Русјаков за „Хотел меѓу две војни“
Во Велес во салата на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа свечено беа отворени 59 Рацинови средби. На свеченоста беше доделена наградата Рациново признание за 2022 на Александар Русјаков за „Хотел меѓу две војни“. Во изјавата за МИА наградениот Русјаков потенцира дека за него е голема чест да се добие оваа награда во неговиот роден Велес, а посебно му е чест што го носи името на Коста Солев Рацин еден од најголемите македонски поети.
– „Хотел меѓу две војни“ излезе од печат оваа година и прво ја доби наградата Пегаз за необјавен роман и оваа е втора награда, што значи комисиите препознаваат некаков квалитет. Се надевам дека тоа ќе го направи и читателската публика. Добивањето на Рациновото признание е една од најголемите награди во Македонија за книжевност за прозно дело. Како што на Струшките вечери на поезијата е голема чест да се добие наградата за поезија, оваа награда е најголема чест да се добие за проза, вели Русјаков.
Добивајќи ја наградата, Русјаков истакна дек ја посветува на својата пред година ипол почината мајка која го родила во овој град.
Претходно, вчера беше посетена Спомен костурницата од НОВ каде почива Рацин и беше положено цвеќе од повеќе делегации, а потоа и пред двата споменика на Рацин во Велес.