„Пресек“ – изложба на Ирена Паскали в петок во Чифте амам


Изложбата под наслов „Пресек“ на авторката Ирена Паскали ќе биде отворена на 18.9.2026 година (петок) во 19 часот во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам. Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2026 година, а е поддржано од Министерството за култура и туризам на РС Македонија и ИФА (IFA – Institut für Auslandsbeziehungen – Institute for Cultural Relations) од Германија.

На отворањето на изложбата ќе се обратат г-ѓа Петра Дрекслер, амбасадор на Сојузна Република Германија во РС Македонија, д-р Али Синани, директор на Националната галерија на Македонија, авторката Ирена Паскали и Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, куратор на изложбата.

Солени капки, 2025

Ирена Паскали (р. 1969, Охрид), е истакната македонска мултимедијална и современа уметница со богата меѓународна кариера. Завршила средно уметничко училиште во Скопје, Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2000) во класата на професорот Станко Павлески, а магистрирала на престижната Академија за медијални уметности во Келн, Германија (2007), каде живее и работи од 2004 година. Добитник е на повеќе меѓународни стипендии (Германија, Франција, Того, Русија, Латвија), како и меѓународни награди (Кореа, Албанија, Германија, Србија и др.). Има реализирано повеќе самостојни изложби и е учесник на многу меѓународни изложби.

Мираз, 2016

Ирена Паскали работи во различни медиуми – фотографија, видео, цртежи, експериментален филм, перформанс, а нејзините дела вклучуваат и експерименти со природни материјали. Централното место во нејзината работа и истражувања е посветено на човекот, општествените и социјално-политичките прашања кои се во неразделна врска со идентитетските прашања и отуѓувањето, духовноста, односот меѓу минатото и сегашноста, како и фрагментација на културите и религиите. Изложбата под наслов „Пресек“, претставува селекција од нејзиното богато творештво и одбележување на 30годишното уметничко дејствување на Ирена Паскали, а истата ќе биде отворена за јавност до 22.10.2026 година.