Рација на белгиската полиција во „Хуавеи“ поради наводен поткуп на европратеници

Во истрага во стилот на „Катаргејт“, полицијата верува дека лобистите на „Хуавеи“ можеби подмитиле околу 15 сегашни и поранешни европратеници со фудбалски билети, подароци и луксузни патувања во Кина


 

БРИСЕЛ – Околу 15 актуелни и поранешни европратеници се осомничени за примање мито од фирма контролирана од кинеската влада, објави холандскиот сајт за вести Follow The Money.

Рано во четвртокот наутро, белгиската федерална полиција изврши рација во канцелариите и домовите на лобистите на „Хуавеи“. Рации беа спроведени и во Португалија. Повеќе лица се уапсени.

Органите на редот бараа докази дека претставници на кинеската компанија го прекршиле законот при нивното лобирање на членовите на Европскиот парламент. Рациите се кулминација на двегодишната истрага, јавува ФТМ.

Белгиската полиција ги потврди извештаите во соопштението во четвртокот без да го спомене „Хуавеи“ по име.

Во соопштението се вели дека се верува дека корупциски прекршоци се вршеле редовно од 2021 година до денес, под маската на комерцијално лобирање и преземање различни форми, вклучувајќи прекумерни подароци, вечери, патувања и покани за фудбалски натпревари.

Запленети се повеќе документи и предмети кои се предмет на длабинска анализа, додаваат обвинителите.

Имињата на спорните европратеници сѐ уште не се потврдени.

Инспекторите се сомневаат дека лобистите на „Хуавеи“ можеби подмитувале европратеници со фудбалски билети, подароци и луксузни патувања во Кина. Европратениците можеби земале и готовина. ФТМ известува дека португалска компанија можеби помогнала да се насочат парите до пратениците.

За да ги истражи актуелните европски пратеници, Европскиот парламент ќе треба да гласа за одземање на нивниот дипломатски имунитет. Белгиските обвинители тоа го побараа претходно во март во врска со двајца италијански европратеници осомничени во истрагата за „Катаргејт“.

Поради наводните блиски врски на телекомуникацискиот гигант со Кинеската комунистичка партија, конвенционалните напори за лобирање на „Хуавеи“ се соочија со отпор во Европа.

Владите на ЕУ и Европската комисија, исто така, бараа внимателен пристап кон компаниите како „Хуавеи“. „Треба да се фокусираме на де-ризик – не на раздвојување“, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во 2023 година.

Неколку земји од ЕУ сметаат дека „Хуавеи“ е „висок ризик“ добавувач на 5Г. (Еурактив)