Работодавачите против растот на минималната плата, не ги „бркала“ работниците надвор од земјата

Од организацијата на работодавачи велат дека сега не е вистинско време oдлуката за минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари и дека со ваквата мерка нема да се постигнат очекуваните резултати. Работодавачите се жалат дека и до сега едвај врзувале крај со крај но дека во услови на пандемија и економска криза ваквото зголемување на минималецот може да значи и клуч на врата и отпуштање на голем број работници.
-Дури 75 отсто од работодавачите сметаат дека минималната плата не ги задржува работниците во земјата, тука се во игра многу други фактори, вели Владанка Трајкоска, претседателка на ОРМ.-Како организација која ги застапува интересите на работодавачите повикуваме на исклучителна внимателност при лицитирањето со можноста за повторно зголемување на минималната плата. Нашите анализи покажуваат дека секое ново зголемување на минималната плата само ќе ги зголеми трошоците и ќе предизвика дополнително оптоварување на бизнисот и затворање на голем број капацитети кои нема да можат да опстојат во и онака тешките услови за стопанисување предизвикани од пандемијата, изјави Трајкоска.
Таа потсети дека со последното законско усогласување од крајот на март оваа година, минималната плата во земјава се покачи до вредност од 50% од просечната плата, со што земјата ги исполнила критериумите на ЕУ во оваа област.
Во земјава има околу 720.000 вработени лица кои ги очекуваат новите одредби од Законот за работни односи во кои се ветуваат поголеми права.
Што се однесува до недела како неработен ден Трајкоска вели дека има дејности кои не можат да ја прекинат работата во недела, но работодавачите ги исполнуваат законските обврски за работење во недела. Новиот закон предвидува вработените во моловите да добијат две дневници за работа во недела, а работодавачите да платат дополнителни 2 отсто данок за приходот остварен во недела. Трајкоска вели дека ковид кризата мора да се земе предвид при ова законско решение. Најгласни во барањата за недела неработен ден беа текстилните работници.
-Текстилните компании работат за странски купувачи и цените им се диктираат од Европа и зависат од однапред договорените зделки. Минималната плата мора да оди заедно со продуктивноста. Кај нас продуктивноста е на многу ниско ниво. Со поголема продуктивност ќе има повеќе приходи. Текстилните компании кубурат со продуктивноста, вели Трајкоска.