Путин повторно во јавност по два месеца изолација поради Ковид-19


Рускиот претседател Владимир Путин денеска присуствуваше на свеченоста по повод државниот празник Денот на Русија, во спомен на 12 јуни 1990 година, кога е прогласена Декларација за државен суверенитет на Руската Федерација.

Тоа е прв јавен настап на Путин откако објави воведување рестриктивни мерки во земјата поради спречување на ширењето на новиот корона вирус пред повеќе од два месеца.

Тој присуствуваше на подигнувањето на државното знаме во меморајлниот парк во Москва, а потоа и на свеченото врачување признанија. Тој не носеше заштитна маска, ниту, пак, повеќето добитници на наградата „Херој на Русија“.

Путин зборуваше за „илјада години историска голема слава и гордост, храброста на предците и нивната љубов кон земјата“.

Во својот говор посебно ги поздрави здравствените работници, заблагодарувајќи им се на нивната храброст и пожртвуваност.

Шеесет и седум годишниот руски претседател последен пат е виден во јавност во март, кога присуствуваше на состанокот на бизнисмени по објавувањето на делумниот прекин на работата на економијата поради епидемијата на коронавирусот.