Путин не кажа ништо големо на парадата по повод Денот на победата (Галерија)

Рускиот претседател го обвини Западот за војната во Украина, но не најави мобилизација, а за Кремљ инвазијата останува „специјална воена операција“


Владимир Путин за време на парадата

 

Сите можни шпекулации околу тоа што ќе каже рускиопт претседател Владимир Путин на парадата по повод Денто на победата се покажаа во голема мерка погрешни. Путин го обвини Западот за војната во Украина но не навести каков би можел да биде следниот чекор на Кремљ – потрага по мировно решение или проширување и заострување на војната.

Путин можеби имаше одредено задоволство од сите жестоки западни шпекулации околу годинешниот говор за Денот на победата.

Но, и покрај предвидливото поврзување на денешната војна во Украина со борбата против нацизмот во Втората светска војна, тој не даде вистински индиции за неговите идни намери.

Не зборуваше за мобилизација. Немаше декларации за победа во Украина. Имаше референца за жртви, но без промена во терминологијата: ова е сепак „специјална воена операција“, а не војна.

Путин во понеделникот се обиде да ја оквалификува воената акција на Москва во Украина како принуден одговор на западните политики и неопходен чекор за да се спречи потенцијална агресија.

Балистичките ракети РС-24 „Јарс“
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу врши смотра на војниците

Говорејќи на воената парада на Црвениот плоштад по повод победата над нацистите од Втората светска војна, Путин повлече паралели меѓу борбите на Црвената армија против нацистичките трупи и акцијата на руските сили во Украина.

Додека го критикуваше Западот, Путин не даде никакви индикации за промена на стратегиите ниту пак даде индикации дека ќе прогласи широка мобилизација, како што се плашеа некои во Украина и на Западот.

Обраќајќи им се на елитните руски војници кои го исполнуваа Црвениот плоштад, Путин рече дека кампањата во Украина е неопходен потег за да се избегне она што тој го опиша како „закана што беше апсолутно неприфатлива за нас (која) е методично создадена покрај нашите граници“.

„Опасноста растеше од ден на ден“, тврди тој, додавајќи дека „Русија даде превентивен одговор на агресијата“ во, како што рече, „присилна, навремена и единствена правилна одлука на суверена, моќна и независна земја. ”

Рускиот лидер постојано ја обвинуваше Украина дека има агресивни намери, со поддршка од САД и нивните сојузници – тврдења што украинските и западните власти ги негираа.

Во својот говор на парадата, Путин повторно го прекори Западот дека не ги послушал руските барања за безбедносни гаранции и враќање на проширувањето на НАТО, тврдејќи дека тоа не ѝ остава на Москва друг избор освен да започне акција во Украина.

Рускиот лидер нагласи дека руските трупи се борат за безбедноста на земјата во Украина и повика со минута молчење да им оддаде почит на војниците кои паднаа во борба. Путин истакна дека некои од војниците кои учествувале на парадата претходно се бореле во Украина.

Тој рече дека трупите во Украина „се борат за татковината, за никој да не ги заборави лекциите од Втората светска војна и да нема место во светот за бесачи, џелати и нацисти“.

Денот на победата што Русија го одбележува на 9 мај е најважниот празник во земјата, кој се слави со воени паради и огномет низ големата држава.

Денешната парада беше многу намален приказ на воената моќ на Русија, како што властите во Москва навестуваа дека ќе биде.

Сепак, многу од вооружените системи кои моментално се во акција во Украина беа претставени, од самоодна артилерија, до копнени балистички ракети и течки оклопни возила.

Беа претставени контингенти од сите главни гранки на руската војска, вклучувајќи борбени возила и војници од ВДВ – падобранските формации на Русија, кои беа на истурените позиции нејзиниот напад врз Украина и кои претрпеа значителни жртви во првите недели од војната.

Нуклеарни проектили со долг дострел исто така поминаа низ Црвениот плоштад – силен потсетник на огромниот нуклеарен арсенал на Русија – закана на која руските лидери се осврнаа повеќе пати откако војната во Украина не ги постигна успесите што се очекуваа освоен освоената територија во Донбас и околу Крим. Главната цел – освојување на Киев и соборување на украинската влада не е постигната.

Советскиот Сојуз изгуби неверојатни 27 милиони луѓе во Втората светска војна, која ја нарекува Голема патриотска војна. Конфликтот, кој ја опустоши земјата и предизвика огромни страдања, остави длабока лузна во националната психа.

Некои во Украина и на Запад очекуваа Путин да го искористи својот говор на парадата за да се префрли од опишување на руската акција во Украина што руските власти ја нарекоа „специјална воена операција“ и да објави дека тоа е војна.

Путин не направи таква промена во реториката или не даде никакви индикации дека Кремљ може да ја промени својата стратегија и да прогласи широка мобилизација за да ги засили редовите.

Кремљ се фокусираше на источното индустриско срце на Украина познато како Донбас, каде бунтовниците поддржани од Москва се борат против украинските владини сили од 2014 година. Тој конфликт избувна неколку недели по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. (Според агенциите)