Путин ја обвини Полска дека сака да изврши инвазија на Украина


 

Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека Полска има планови да го заземе западниот дел на Украина. Според него, полските власти се надеваат дека „ќе ги вратат, како што веруваат, нивните историски територии“.

Вака претседателот реагираше на говорот на директорот на Службата за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин за време на состанокот на Советот за безбедност, кој извести за плановите на „полското раководство да ги контролира западните територии на Украина, западните региони, со распоредување на свои војници таму“.

Путин подетално се задржа на ова прашање и ги коментираше плановите за создавање „полско-литванско-украинска врска“. Според него, Полска има намера да го искористи овој сојуз за да ја окупира западна Украина.

„На крајот на краиштата, перспективата е очигледна – ако полските единици влезат, на пример, во Лавов или други територии на Украина, тогаш тие ќе останат таму. И тие ќе останат засекогаш“, рече Путин.

Потоа претседателот навлезе во историските аналогии, наведувајќи како пример како во 20. век Полска ги добила „историските руски провинции“, регионот Вилно, дел од Чехословачка.

Освен тоа, Путин ги нарече западните територии на Полска „подарок од Сталин“. „Нашите пријатели во Варшава заборавија на ова, ќе ве потсетиме“, рече тој.

„Режимот“ во Киев денес, според шефот на државата, е „подготвен на сѐ“ за да го „продолжи своето постоење“, вклучително и „тргување“ со луѓе и земја. „Предавниците сè уште се подготвени да ги ‘отворат портите’ за странските сопственици и уште еднаш да ја продадат Украина“, рече тој.

„Што се однесува до полските лидери, тие веројатно очекуваат да формираат некаква коалиција под ‘чадорот на НАТО’ и директно да интервенираат во конфликтот во Украина, за потоа да си ‘откинат’ поголемо парче за себе, да си ги вратат, како што веруваат, нивните историски територии – денешна Западна Украина. Добро е познато дека  тие сонуваат и за белоруските земји“, рече Путин. Тој му наложи на Наришкин да ги следи плановите на Полска.

Тој вети дека ќе одговори на агресијата врз Белорусија со сите расположливи средства.