Пуштена во употреба фотоволтаична централа „ТАБ МАК“ во Пробиштип


 Со инвестиција од шест милиони евра групацијата „ТАБ“ Словенија ќе произведува електрична енергија од 13.256 MWh/годишно,  односно околу 25 проценти од потребите на претпријатието “ТАБ МАК“. 

Почетокот со работа на фотоволтаичната централа беше одбележан денеска во рамки на фабричкиот комплекс “ТАБ МАК“ во Пробиштип, во присуство на Христина Оџаклиеска, заменик министер за животна средина, Драган Анастасов, градоначалник на Општина Пробиштип и Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија во државава, Роман Бурија, Извршен Директор на “ТАБ“ Словенија, како и претставници на менаџментот и вработени во “ТАБ МАК“.

-Фотоволтаичната соларна централа со моќност од 8,6 MW е изградена на земјиште од 10 хектари. Содржи 15.288 бифацијални фотоволтаични панели од монокристален тип, кои се поврзани во серија на стринг инвертери, кои понатаму се поврзани со две трансформаторски станици со моќност од 4.500 k VA, приклучени на сопствената, претходно постоечка трансформаторска станица со моќност од 10/35 kV, информираат од компанијата.

Со оваа инвестиција во просек треба да се обезбеди во просек околу 25 проценти од потребите за електрична енергија на претпријатието „ТАБ МАК“. На годишно ниво, планираното производство на електрична енергија изнесува 13.256 MWh.

-Во време на општа енергетска криза, имајќи ја предвид непредвидливата ситуација со снабдувањето на енергија во изминатиот период, а сѐ со цел продолжување на производство со акумулаторски батерии по конкурентни цени, донесовме стратешка одлука за инвестиција во делумно само-снабдување со електрична енергија во “ТАБ МАК“ во Пробиштип. Целокупната инвестиција е планирана во три фази, од кои првата, завршена во февруари оваа година ја опфаќа фотоволтаичната централа која денес официјално ја пуштивме во употреба. Со овој чекор, уделот на електрична енергија од обновливи ресурси во групацијата “ТАБ“ се зголемува на вкупно 25 проценти што претставува голем чекор во правец на зголемување на одржливоста на природата и иднината, Роман Бурија, Извршен Директор на “ТАБ“ Словенија.

По реализација на првата фаза, како втора фаза од инвестицијата предвидена е изградба на фотоволтаична електрана со капацитет од 3,2 MW на покривите на постојните објекти во “ТАБ МАК“, додека пак во третата фаза, би требало да се изгради поголем индустриски објект за складирање електрична енергија.