Првпат во 11 години беа покриени трошоците за патувањето на олимпијците по хемија во Дубаи


Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска го посети Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет-Скопје по повод успесите на учениците и нивните ментори на две олимпијади по хемија оваа година од кои се вратија со медали.

На Меѓународната олимпијада по хемија во Дубаи, матурантите Марио Ванчоски и Петар Мирчевски освоија сребрен односно бронзен медал, како и една пофалница – за Теона Ана Георгиевска, а на најстарата олимпијада по хемија – „Менделеев“ во Бело Хоризонте во Бразил, тие се вратија со два бронзени медала.

Првпат по 11 години од учествата на Сојузот на хемичарите и технолозите од Македонија на меѓународните натпревари, Министерството за образование и наука годинава им ги покри трошоците за нивното учество.

Министерката Јаневска рече дека денешниот настан е организиран за да се уважат младите кои освојуваат медали на меѓународни олимпијади каде што, рече, постигнуваат извонреден успех. Соопшти дека се подготвува концепција за талентирани ученици.

-МОН ги поддржува талентираните луѓе и оваа година ги покри сите трошоци за учество на една олимпијада, а, пак, учениците ќе имат можност да аплициаат за да си остварат дополнителни права за талентирани ученици. Министетството и во иднина ќе продолжи да ги спонзорира и мотивира најумните деца од Македонија. И не само нив, и сите останати со сите можности што ги има на располагање. Дополнително од тоа што ќе ги покриеме трошоците на учениците и нивните ментори, во моментов се изработува и концепција за талентирани, што значи особено внимание ќе обрнеме на оние деца кои всушност ја претставуваат оваа земја, а овој момент се најдобрите амбасадори на нашата татковина, изјави Јаневска.

Проф. д-р Муха Буклески од Институтот за хемија, ментор и одговорен за селекцијата на учениците за учество на олимпијадите по хемија, рече дека е големо олеснување за нив што го немале финансискиот товар како во минатите учества на меѓународните натпревари.

-Сојузот на хемичарите и технолозите е организацијата којашто ги праќа на овие натпревари, оваа беше веќе 11-та година што праќаме ученици, а прва година кога целосно беа покриени трошоците за пат и котизација на четворицата ученици кои отпатуваа во Дубаи и на двајцата ментори. Тоа претставуваше огромно олеснување за организацијата и за Сојузот на хемичарите кој претходно, секоја година, мака мачеше со обезбедување финансиски средства. Се надеваме дека ова е веќе надминато и дека во иднина нема да имаме проблеми од овој тип и ќе се фокусираме на подготовките и постигнувањата на уште подобри резултати од овие што ги остваривме, без оптоварувањата од финансиска природа, изјави Буклески.

Марио Ванчоски, кој со два освоени медала во Дубаи и во Бело Хоризонте годинава, од утре ќе ги почне студиите на Институтот по хемија, изјави дека и кај нас има добри услови и очекува добро образование.

-Сметам дека и тука, во Македонија, има многу добри услови за студентите и дека ќе имам добро образование и овде, во Скопје, рече Ванчоски.

Деканот на ПМФ Даворин Трпески искажа благодарност на МОН затоа што, рече, се надмина голем и горлив проблем за нашите олимпијци.

-Бидејќи навистина тоа беше товар за нашите сојузи по математика, хемија, биологија итн. Но, овојпат, Министерството смогна сили и овој повеќегодишен проблем е веќе надминат и нашите олимпијци можат понатаму, наредните години, да бидат сигурни дека ќе бидат финансирани од Министерството. Се разбира, ПМФ и натаму стои зад нив и ги помагаме со капацитети, лаборатории и со сите ресурси коишто се потребни за спремање на нашите олимпијци, рече Трпески.