Првите слободни термини за вадење пасош во Скопје се во октомври


 

Телефоните на МВР за закажување  за вадење лични документи се прегреани. Речиси е невозможно да се добијат операторите поради енормниот број повици. Причината е во законските одредби кои налагаат до средината на февруари 2024 година да се променат личните документи (пасош, лична карта и возачка дозвола)  со официјално име на државата Република Северна Македонија.

Дополнителен притисок има и од иселениците кои во  десетици илјади се дојдени во татковината на одмор и сакаат да ги променат документите за да не се најдат во проблеми.

Од МВР за „Независен“ изјавија дека првите слободни термини за вадење лични документи во Скопје се од октомври.

„Напоменуваме дека, доколку граѓаните имаат итна потреба од документи, постои итна постапка преку која може веднаш да се добијат бараните документи. За другите градови, има слободни термини и во август. МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи. Граѓаните можат да закажат термин телефонски, но и електронски преку сајтот на МВР, но и преку порталот uslugi.gov.mk“.

До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои до сега тоа не го сториле, ќе мора да сменат лична карта, пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола, но и регистарски таблички. Дополнително, ќе треба да сменат и активни договори со претпријатија за јавни паркиралишта, бидејќи старите повеќе нема да им важат“, порачаа од МВР.