Првиот човек  на „Рајанер“ се закани дека ќе престане да купува „Боинг“ поради царините на Трамп


Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, ја предупреди американската компанија „Боинг“ дека ќе размисли за купување авиони од други производители доколку заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини доведат до зголемување на цените.

О’Лири го кажа ова како одговор на американскиот конгресмен кој ја критикуваше неговата отвореност за купување авиони од други производители – вклучувајќи ги и кинеските компании.

„Доколку владата на САД продолжи со својата неодговорна намера да воведува царини и ако тие царини материјално влијаат на извозната цена на авионите на Боинг во Европа, тогаш сигурно ќе ги преиспитаме нашите тековни нарачки од Боинг и можноста да ги исполниме тие нарачки со други производители“, рече О’Лири во своето писмо до демократот од Илиноис, Раџа Кришнамурти.

Авиокомпанијата со седиште во Даблин обично купува секоја нова варијанта на 737 во големи количини со значителни попусти, вклучително и нарачка за до 300 MAX 10, чија испорака треба да се случи во 2027 година.

Сепак, половина од таа нарачка е опционална и може да се откаже или одложи доколку пазарните услови станат неповолни.

Американските царини веќе го поткопуваат бизнисот на „Боинг“ во Кина. О’Лири претходно предупреди дека „Рајанер“ би можел да ја прекине својата ексклузивна политика со „Боинг“ доколку американските царини и европските контрамерки доведат до повисоки цени.

О’Лири, исто така, рече дека „Рајанер“ потенцијално би бил отворен за соработка и со „Ербас“ и со кинескиот државен производител „Комаком“ по соодветна цена.