Првата од петте фази на штрајкот во училиштата во Хрватска почнува денеска во Далмација


Првата од петте планирани фази на штрајкот во хрватските училишта, организирана од три синдикати, започнува денеска во четири далматински окрузи, пренесе ХРТ. Далмација е првиот регион што штрајкува, бидејќи таму беше најголем одѕив на предупредувачкиот штрајк на 19 март.

Министерството за образование на Хрватска повтори дека нема причини за штрајк.

Наставниците бараат зголемување на основната плата за 10 отсто, наместо предложените 3+3 отсто, како и промени во коефициентите за пресметка на платите и исплата на привремени додатоци до воведување нова систематизација. Бараат и исклучување на образованието од системот за проценка според Законот за плати.

Синдикатите најавија високо учество во штрајкот, обвинувајќи ја владата за игнорирање на нивните барања. Денешниот штрајк ги опфаќа основните и средните училишта, факултетите и институтите во Сплитско-далматинскиот, Задарскиот, Шибеничко-книнскиот и Дубровничко-неретванскиот округ.

В четврток, 3 април, ќе штрајкуваат наставниците од Вуковарско-сремскиот, Бродско-посавскиот, Вировитичко-подравскиот, Осијечко-барањскиот и Пожешко-славонскиот округ, а следните фази се закажани за 7, 9 и 11 април во останатите региони, вклучувајќи го и Загреб.