Прва реакција на Џо Бајден за неуспешниот бунт во Русија
Американскиот претседател Џо Бајден за прв пат лично го коментираше неуспешниот бунт на платеничката група Вагнер во Русија, кој траеше помалку од 24 часа.
„Западот нема никаква врска со тоа“, рече Бајден, додавајќи дека му наложил на својот тим за национална безбедност да ги следи настаните во саботата во Русија и да му известува „на час“ и да подготви низа можни сценарија.
Тој рече дека разговарал и со клучните сојузници на САД во текот на викендот за да се увери дека сите размислуваат подеднакво на оваа тема.
„Ние немаме апсолутно никаква врска со ова“
„Клучно е да бидеме координирани во нашиот одговор, но и во нашите очекувања“, рече Бајден, додавајќи дека сите клучни сојузници „се согласија дека не смееме да му даваме на Путин никакви изговори да ја префрли одговорноста за ова на Западот или на НАТО“.
„Јасно ставивме до знаење дека не сме вклучени во ова. Немаме апсолутно никаква врска со тоа. Тоа е дел од борбата во рускиот систем“, рече Бајден.