Прва пациентска конференција посветена на дијабетесот и најчестите коморбидитети по повод 25 години постоење Сојуз на здруженија на дијабетичари


 На 20 и 21 март ќе се одржи Првата пациентска конференција во државата посветена на дијабетесот и најчестите коморбидитети како дел од метаболниот синдром. Воедно, ова ќе биде јубилејната конференција по повод 25 години од постоењето и делувањето на Сојузот на здруженија на дијабетичари, информираше денеска во изјава за медиуми, Мартин Николов, оперативен директор на Сојузот.

– Овие 25 години не се само бројка. Тие претставуваат четврт век борба, застапување, едукација и поддршка за лицата со дијабетес и нивните семејства. Токму затоа, мотото на оваа конференција е „25 години борба, посветеност, солидарност и надеж“, рече Николов.

Тој додаде дека станува збор за значаен национален собир што ќе го засили дијалогот и ќе го постави прашањето за дијабетесот на повисок приоритетен пиедестал – не само како медицински предизвик, туку и како сериозно социо-економско прашање што бара интегриран и одржлив системски пристап.

– Особено значајно е што конференцијата ја организираме со огромна поддршка на Клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни состојби, како и на Научно здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија и Здружение за обезност на Македонија, што дополнително ја потврдува стручната и научната тежина на овој настан, подвлече Николов.

Беше потенцирано дека конференцијата ќе обедини пациенти, лекари од различни специјалности – ендокринолози, нефролози, кардиолози, педијатри, офталмолози, матични лекари – како и претставници на институции и носители на одлуки.

– Мора да се напомене дека очекуваме присуство на официјални претставници на International diabetes federation, вклучително и членови на Бордот на ИДФ Европа, директорката на ИДФ Европа, како и претседатели на националните сојузи за дијабетес од регионот. Ова ѝ дава меѓународна тежина на конференцијата и ја позиционира нашата земја како активен чинител во европската дијабетес – заедница, додаде тој.

Целта е јасна, нагласи Николов, поврзување на пациентите, докторите и институциите во заеднички дијалог, размена на искуства и добри практики, поттикнување на одржливи и функционални здравствени политики.

– Уверени сме дека од конференцијата ќе произлезат силни пораки и конкретни заклучоци што ќе бидат слушнати од релевантните институции и од јавноста, со цел да изградиме систем што ќе превенира, ќе штити и ќе обезбеди подобар квалитет на живот за лицата со дијабетес, истакна Николов.

Тој ги повика сите лекари, пациенти, здравствени работници, претставници на институции, граѓански организации и засегнати страни, да го регистрираат нивното учество и да бидат дел од оваа важна национална иницијатива.

– Вашето присуство значи глас. Вашето учество значи придонес. А, дијабетесот бара заеднички одговор, порача Николов.

На новинарско прашање, тој одговори дека најчести коморбидитети се ампутација, срцеви заболувања што доаѓаат како компликации од дијабетес.

– Шест луѓе без компликации, ја чинат државата, колку еден со компликации, подвлече Николов.