Противпожарни авиони имаме – нема кој да ги пилотира


Новата влада, очекува директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, да даде амин двајцата пензионирани пилоти на „ер трактори“ да продолжат со работа, за летово пожарите да можат да се гасат со трите авиони и четири хеликоптери.

Како што појасни Ангелов, во моментот Македонија има на располагање четири хеликоптери (три на полицијата и еден на Армијата) и три „ер трактори“, но за авионите има само еден пилот, откако двајца од пилотите заминале во пензија.

Иако, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување уште пред два и пол месеци побарал Владата да дозволи пензионираните да продолжат со работа на договор на дело, техничката влада тоа не го сторила, а Ангелов очекува за десетина дена тоа да го стори новата влада.

Исто така, Ангелов информира дека при појава на пожари во шуми, првиот одговор на нив го даваат вработените во ЈП „Национални шуми“, но како што вели, поради банална причина тоа не се прави. Имено, тие немаат гориво за возилата. Дополнително, соопшти Ангелов, вработените во голем број се повозрасни или пред пензија.