Против корона вирусот во ЕУ прва се вакцинираше 101-годишна Германка
Германија и Унгарија започнаа вакцинација против корона вирусот, денеска, само неколку часа по пристигнувањето на првите пратки, што го наруши планот на Европската Унија за координиран почеток на вакцинацијата, утре во сите 27 земји на ЕУ.
„Секој ден што го чекаме е ден премногу“, рече Тобајас Кригер, менаџер на дом за стари лица во Халберштат, во североисточниот дел на регионот Саксонија-Анхалт, каде денес започна вакцинацијата, прва во цела Германија.
Првиот човек во куќата што бил вакциниран со вакцината на „Фајзер-Бионтек“ е 101-годишната Едит Квоикала, објави новинската агенција ДПА.
Кригер рече дека 40 од 59 жители на тој дом сакаат вакцинација, како и 10 од околу 40 нивни негуватели.
Во Унгарија, здравствените работници прво беа вакцинирани во Централната болница во Пешта, во Будимпешта, додека властите во Словачка исто така планираа да ги дадат првите дози вечерва.
Првите пратки од вакцината пристигнаа во болниците низ ЕУ во контејнери-фрижидери минатата ноќ, бидејќи беа испратени од центарот за производство во Белгија во средината на оваа недела.
Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го нарече почетокот на дистрибуцијата на вакцината „трогателен момент на единство“ на ЕУ.
Заедно со некои од најраните и најпогодените жаришта на корона вирус во светот – Италија и Шпанија, како и Чешка, чиј здравствен систем беше на работ на пропаст оваа есен, вкупно 27 земји на ЕУ забележаа над 16 милиони заразени и над 336.000 смртни случаи, за кои експертите велат дека е само дел од реалното салдо заради нерегистрирани случаи и ограничено тестирање.
Првите пратки се само околу 10.000 дози во повеќето земји на ЕУ, а програмите за масовна вакцинација треба да започнат едвај во јануари.
Секоја земја одлучува сама кој ќе ги добие првите вакцини, но тие ги ставаат најзагрозените на прво место.