Протести на ВМРО-ДПМНЕ, приведен претседателот на УМС
ВМРО-ДПМНЕ ги започна предупредувачките протести на три локации низ Скопје, пред Собранието, пред ТЦ „Мавровка“ и пред зградата на поранешна „Нова Македонија“. Протестите се со едно единствено барање – Владата да го даде на увид на јавноста таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека двоецот Заев-Бучковски преговара со техничката бугарска влада за делови од декларацијата, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на протестот пред Собранието рече дека доколку Владата е транспарентна како што тврди треба да ги објави деталите за преговорите со Бугарија.
„Тука сме на улиците да го кренеме гласот и двоецот Заев-Бучковски да кажат за што се преговара со Бугарија. Да кажат каков е тој патоказ или што и да е. Дали Заев ќе изигрува трговец-поединец и дали преговара со идентитетот, јазикот и кутурата“, рече Мисајловски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во обраќање во живо објави дека бил приведен претседателот на УМС Сергеј Попов затоа што со мобилен телефон почнал да снима, на што полицијата бурно реагирала наредувајќи му да прекине. Тој им се спротивставил со образложение дека снима на јавен простор и не прави ништо противзаконско, а откако одбил да ја спроведе нивната наредба, бил спроведен во полициска станица.
Тимчо Муцунски оцени дека доколку т.н. патоказ инкорпорира позиции кои се прифатливи за нашите граѓани, доколку тој не ги инкорпорира позициите на декларацијата од бугарското Собрание, тогаш веројатно не би требало да има страв од владата да каже за што точно се преговара во овој процес.
-ВМРО-ДПМНЕ со поддршка на граѓаните и политички субјекти повикува на одговорност, на се поголема национална свест и да не се дозволи ново национално понижување кое стана пракса. Живееме во држава која е една од најкорумпираните во светот и дефинитивно најкорумпирана во Европа, живееме во држава каде граѓаните секој месец се се посиромашни и држава која е сведок на национални понижувања, рече тој најавувајќу протест и наредните денови.