Протестен „Марш за ангелите“: Не е доволно да се казнат неколку менаџери, што е со институциите?


Попладнево во Кочани се маршираше за загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ – шест месеци по трагедијата.

Роднините и пријателите на настраданите порачаа дека не е доволно да се казнат неколку менаџери, дека одговорноста е и на оние кои дозволиле да работи овој објект како дискотека.

„Ова е трагедија што можеше и мораше да се спречи. Оваа трагедија во Кочани не е само последица на една искра или на невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност“.

Ова денеска го порача Васка Лазарова, мајка на настраданиот фудбалер Андреј Лазаров, шест месеци по несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Директната вина, според неа, е кај сопствениците и организаторите кои отворија врати без дозволи, без бедносни системи, со единствен излез и двојно повеќе луѓе од дозволеното.

-Знаеме кој ги отворил вратите на клубот. Знаеме кој земал пари и пуштил внатре луѓе два пати повеќе од дозволеното. Знаеме кој ставил пиротехника во затворен простор. Тие се директните виновници. Тоа е криминал со човечки животи, нагласи Лазарова.

Таа пред Судот праша каде биле институциите да реагираат на сето ова, упатувајќи обвинување кон оние што морале да го затворат „Пулс“ уште пред да биде отворен. Праша зошто сите што имаат надлежности, не постапиле.

-Институциите не се независни тела – тие се дел од државата. Ако тие не ја завршилe работата, тогаш и државата има одговорност. Затоа велиме, не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребно е да има одговорност и во институциите. Одговорност за оние што дозволиле клуб без дозвола да работи. Одговорност за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство, рече Лазарова.