(Галерија) Протестен марш против аерозагадувањето: Молчи, трпи, гуши се!


Марш против загадувањето во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

Повеќе граѓани на Скопје, попладнево се собраа на протестен марш против аерозагадувањето во центарот на Скопје. Тие маршираа од Министерството за животна средина, до Собранието, а од таму до зградата на Владата.

„Партиска книшка штити од загадување?“, со ваков транспорент се бараше чист воздух на протестот во Скопје. Тие порачаа дека сите го дишат истиот воздух. На друг транспарент испишаа: „Молчи трпи, гуши се, се е ок!“, а на трет „Буџетот е магично стапче за загадувањето!“

Застанаа пред Влада, повикувајќи ги сите граѓани да излезат на улица.

„Денес се собравме тука не само од Скопје, туку од Македонија. Да кажеме: доста е бре луѓе! Веќе преку глава е да има влада до влада, локална самоупава до самоуправа, да чекаме да направат нешто. Ние имаме доставено барања до Влада, министерство, локална самоуправа, предлози базирани на наука“, рече Горјан Јовановски.

Инаку, со овој марш се бара итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето. Протестниот марш против аерозагадувањето во Скопје го  организира Иницијативата „Зелен Хуман Град“.

Организаторите на маршот, соопштија дека протестот се организира бидејќи секоја година од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух, беше посочено на маршот.

Фотографии: Б. Грданоски