Протест на земјоделците во Струмица. Таму беше и министерот Серафимовски

Земјоделците се гневни затоа што откупувачите не ги почитуваат договорените цени за пиперката „ајварка“


 

Производителите на црвената пиперка „ајварка“ од Струмичко денеска со блокада и протест пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица го искажаа своето незадоволство од непочитувањето на откупните цени, кои беа договорени на 12 овој месец меѓу земјоделците и откупувачите со посредство на ресорниот министер Борче Серафимовски. На протестот на земјоделците присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Серафимовски, кој изјави дека договорените услови за откуп на пиперката мора доследно да се почитуваат.

Според земјоделците, изминатите денови откупувачите не се придржувале до договорените откупни цени и вршеле откуп за 20 денари на пиперка од прва класа.

„Првин падна на 25 денари наместо да се откупува за 40 денари за килограм, а денеска пиперката се откупува за 20 денари. Тоа е срамно, така не било. Сите цени се зголемени – нафтата, семенските материјали, репроматеријателите, а ние работиме бадијала. Само два дена се откупуваше по договорената цена“, изјави Илија Витанов, земјоделец од село Добрејци.

Земјоделците додаваат дека со намалените откупни цени не може да ги покријат производствените трошоци.

„Во споредба со лани, откупните цени се преполовени. Во гајба прва класа беше 55 денари, за фабриките беше 45 денари, а сега што правиме“, рече земјоделецот Џоко Темелков.

Покрај министерот Серафимовски на протестот беа и градоначалниците од Струмичкиот Регион и Државниот инспекторат за земјоделство. По речиси два часа разговор со земјоделците, кој на моменти беше тензичен, министерот во изјава за медиумите истакна дека досега од страна на Инспекторатот нема забелешки за констатирани неправилности при откупот, односно инспекторите биле постојано на терен и го следеле откупот.

„Ние сме медијатори во овој процес и ги следиме и едните и другите и сакаме да видиме дали има доследно почитување од двете страни“, рече Серафимовски.

Тој за утре најави состанок со откупувачите и преработувачите.„Јас како ресорен министер не ја определувам откупната цена, државата не ја определува, тоа е пазарна работа, но затоа ќе седнеме со откупувачите, кои, всушност, ја определуваат цената, односно преработувачите. Од утре бараме состанок и ги согледуваме сите работи на маса. Она што беше договорено треба да се почитува“, рече Серафимовски.

Инаку, на 12 овој месец беше договорено пиперката „ајварка“ од прва класа да се откупува за 40 денари килограм, прва/втора индустриска 30 денари и остатокот за 15 денари килограм.