Проработе системот за пронаоѓање исчезнати „Најди ме“


Медиумите, хотелите, рестораните, банките, такси-превозниците, градскиот сообраќај, од денеска сите тие може да се вклучат во акција за пронаоѓање исчезнати лица, откако проработе системот „Најди ме“ како дел од „Пилот-проектот за Систем за рано предупредување за исчезнати деца“.

На денешната завршна конференција беше промовирана и веб-страницата на Системот за рано предупредување за исчезнати деца – najdime.org.mk.

– Алатката „Најди ме“, којашто е дел од системот за рано предупредување за исчезнати деца ќе функционира по принцип на пријава којашто ќе се пополнува на веб-страницата и после таа добиена информација и пријава од семејство на исчезнато дете, ние информацијата ја проверуваме преку контакт-лицето коешто го имаме во МВР. Доколку и таму е пријавено лицето за исчезнато, таа пријава ја објавуваме на нашата веб-страна и ја споделуваме преку сите канали за информирање широко на јавноста, односно на социјалните мрежи, на каналите за информирање коишто ги имаме во партнерската соработка којашто засега ја воспоставивме“, рече Александра Радевска, проектен координатор од Новинари за човекови права.

Досега воспоставена е соработка со Комерцијална банка, која би требало информациите за исчезнато лице да ги постави на банкоматите, ХОТАМ асоцијацијата односно Здружението на хотелиери и ресторански бизниси, коишто ќе добиваат информација на десковите за пријава на гости, во такси превозот – Групацијата на такси превозници на Скопје и ЈСП, кое на своите дигитални платформи, односно дигиталните дисплеи во оние автобуси во кои ги имаат и дигиталните слајдери на кои има текстуални информации, ќе ја објавуваат таа информација за исчезнато дете.

Целта е што побрзо да се сензибилизира јавноста, а доколку некој има некаква информација или го видел исчезнатото дете, да пријави до со надлежните институции.

– Секако тука во голем домен и медиумите може да помогнат. Имаме веќе иницијативи за соработка со медиуми, портали, платформи, кои сакаат да се приклучат на иницијативата и секој кој смета дека е негова општествена одговорност како бизнис и има капацитети дигитални во своите платформи може да не контактира за соработка – додава Радевска.

Праксата за аларми за широко алармирање на јавноста за исчезнати лица да се покренуваат само во случај кога има киднапирање, односно висок ризик по животот на исчезнатото лице.

„Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање на исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или пак детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности, децата се запознаваат со потенцијалните опасности кои ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика, веројатно ќе стануваат сè позастапени“, рече министерот за образование Јетон Шаќири.

Додаде дека МОН ќе продолжи да се заложува за унапредување на безбедноста на
учениците, не само во рамки на училишните објекти, туку и надвор од нив, заедно со
другите надлежни институции како МВР, но и локалните самоуправи, самите
училишта и партнерските организации.

За таа цел, потенцира, новиот е-дневник, ќе овозможи брзо споделување на информациите со родителите, а истото ќе се прави и преку вибер-групите, но потенцира сите оние кои ги користат овие системи, да бидат крајно внимателни, за да не злоупотреби можноста која ја нудат.

Министерот најави дека електронскиот дневник, со сите новини во него треба да почне да функционира на почетокот на второто полугодие.

Веб-страницата najdime.org.mk ќе биде на три јазици – македонски, албански и ромски, а ќе фунционира со поддршка на Министерството за внатрешни работи.

За воспоставување на целиот систем за рано предупредување за исчезнати заслужни се Граѓанската организација Новинари за човекови права, во соработка со партнер организацијата ЕКПАТ-Австрија.