Пропадна обидот да се одложи расправата за Адеми за друга седница


Фото: Б. Грданоски

 Во Судскиот совет во тек е расправата за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.Расправата заглави околу барањето на  Тања Чачарова Илиевска извештајот да се врати на доработка бидејќи од тоа што и било доставено немала точен увид колку пати Адеми не присуствувала на седниците на Судскиот совет, дали и колку пати не била уредно поканета и дали доставила докази зошто отсуствува – нешто за што други членови на Судскиот совет тврдеа дека имала време да оди во архивата и да се информира, бидејќи имало таква насока во извештајот.

Со шест гласови против и пет „за“ нејзиното барање беше отфрлено така што ќе продолжи расправата за утврдување или не на одговорноста на Адеми. Некои од членовите ваквото барање на адвокатката Илиевска го дочекаа на нож, со порака дека како адвокат е изверзирана за одлаговлекувања на расправите, но судиите се обучени обратно, да пресечат.  

Членовите на Судскиот совет притоа не можеа ни да се усогласат колку извештаи досега биле враќани на доработка, па додека една од нив тврдеше дека половината имале таква судбина со сугестија дека ова барање на Илиевска не е инцидентно туку вообичаена практика, Павлина Црвенковска тврдеше дека имало максимум три и дека и таа да го пишувала извештајот за Адеми ќе бил токму ваков каков што е сега, бидејќи таква е праксата на работа во Судскиот совет околу извештаите – да констатираат, а не да наметнуваат ставови и одлуки. 

Во расправата беше видлива тензија, што покажа дека Судскиот совет е далеку од тоа да функционира како што треба и дека се инсистираше на формалности место фокусот да е на суштината – дека поради политичките притисоци и незаконитата смена во Судскиот совет Адеми не сакала да ги легитимира неговите одлуки со доаѓање.      

Пред почетокот на расправата по оваа точка, подносителот на иницијативата, членот Миљазим Мустафа, ја напушти седницата бидејќи како подносител нема право на присуство.Потоа, претседателот на Комисијата која ја разгледуваше иницијативата, Мирсад Сурои, ја презентираше констатираната состојба на Комисијата и го прочита извештајот со што Советот продолжи со расправа. 

На почетокот на денешната седница, Советот избра судии поротници на Основниот суд Виница и тоа Стефан Мицов, Васка Николова, Александра Давиткова, Јована Јангеловска, Давид Трајанов, Билјана Јовева, Слаѓана Костадиновска, Игор Димитров и Елена Георгиева.

Советот, исто така, утврди престанок на функцијата судија поротник на Апелациониот суд Скопје, по сопствено барање за судијката Билјана Ангелова Смилева.

На судијата Влатко Сековски од Основниот кривичен суд Скопје, на денешната седница, му беше уважено барањето за надомест на патни трошоци бидејќи е времено упатен во Основниот суд Прилеп, а беше уважено и барањето за доброволно упатување на судијката Виолета Крстиновска, од Основниот суд Ресен, за период од една година во Основниот суд Прилеп.

По расправата за утврдување на одговорност на претседателката Адеми, седницата треба да продолжи со формирање на комисии на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд  и разно.ретседател Ѓорге Иванов.