Пронајдено лицето од демиркаписко Дрен, кое било пријавено за исчезнато


 Машко лице, кое имало психички проблеми и избегало од неговиот дом во демиркапиското село Дрен, синоќа е пронајдено околку 21 часот во близина на селото, кај месноста „Краставец“. 

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), синоќа во 19:52 часот на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК било добиено известување за изгубено машко лице, кое имало психички проблеми и избегало од дома од село Дрен, Општина Демир Капија.

– Брзо беше организирана потера од роднини, месно население и полицајци од Полициската станица Неготино. Лицето беше пронајдено надвор од селото кон месноста „Краставец“, околу 21 часот, соопшти ЦУК.

Од ЦУК посочуваат дека навечер температурите паѓаат на отворен простор и оти тоа може да биде опасно по здравјето и животот на луѓето, особено ако не носат соодветна облека според надворешната температура.