Промовирана книгата „30 современи грчки автори“ во Скопје и во Атина

Книгата „30 современи грчки автори“ деновиве доживеа промоции во Скопје и во Атина. Книгата, која содржи препев на 30 песни од автори од Грција, во Скопје беше свечено промовирана во соработка со Амбасадата на Грција во земјава.
На настанот лично присуствуваа четворица од авторите: Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, истакнати поети, чии песни се застапени во книгата. По случаен редослед, тие читаа извадоци од своите дела, овозможувајќи уникатно доживување и директна комуникација со читателите.
Настанот го отвори заменик-амбасадорката на Грција во Скопје, Кристина Василату, која истакна дека ова не е само претставување книга туку вистински гест на културно пријателство меѓу двата народи.
– Поезијата ни нуди јазик што ги надминува границите. Оваа вечер е за поетите, за нивните гласови, за нивната визија, која нè зближува и ни овозможува да сознаеме дека сме блиски – не само соседи туку и трагачи по значење, убавина и по вистина – порача таа.
Директорот на издавачката куќа „Прозарт медија“, Дејан Трајкоски, сподели анегдота од Саемот на книгата во Франкфурт каде се родила идејата за независна културна соработка, а се реализирала лани со гостувањето на уредникот на „Вакхикон“, Несторас Пулакос ,на програмата „Скопје фелоушип“, и со објавување на оваа книга.
– Прочитајте 30 грчки поети како пеат за товарот на осаменоста, удавените зборови, претопувањата на осаменоста со кожата… – порача Трајкоски.
Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот „Про-за Балкан“, се осврна на историјата на поетскиот превод и на значењето на емпатијата, нагласувајќи ја улогата на поезијата во надминувањето на животните лавиринти и трауми.
Шефицата на Канцеларијата за јавна дипломатија, Ламприни Марина Колцида, ги нагласи значењето на поетскиот збор и традициите, најавувајќи го и промотивниот настан во Атина, кој се случи вчера, во книжарницата „Вакхикон“. На настанот во Атина присуствуваа и голем дел од поетите, а се обрати и советникот на македонската амбасада во Грција, Борис Мирчевски.
– Културата ги поврзува луѓето, а С Македонија и Грција како први соседи имаат огромен потенцијал и простор за соработка во различни области. Современата уметност, литературата, поезијата итн. се патишта низ кои оваа соработка може да тече во двата правцa. Поезијата е особено важна затоа што допира и продира во душите и во срцата на луѓето, терајќи ги подобро да се запознаат и да покажат емпатија, рече советникот Мирчевски во Атина.
На настанот се обрати и грчкиот издавач, Несторас Пулакос.
Препевот на книгата на македонски јазик е на Петар Андоновски.
Настанот беше дел од дополнителната програма на фестивалот „Про-за Балкан“.