Промоција на сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски


Во Културно-информативниот центар – Скопје денеска, во 18 часот,  ќе биде промовирана сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова.

Антологискиот расказ „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, кој се смета за еден од најубавите раскази во македонската книжевност, е дел од едицијата „Старо купувам“ на издавачката куќа „Темплум“.

Расказот „Страшна ноќ“, со помош на извонредната ликовна техника на уметницата Наташа Андонова, се претвора во сликовница која го привлекува вниманието на младите читатели, но и на читателската публика од сите возрасти.

 

Страшна ноќ (фрагмент)

 

Не знам како се викаше тоа гратче, иако ги помнам неговите тесни сокачиња, стиснати од двете страни со трошни куќарки, шарени и со црвени петленца на стреите. Го помнам и старото мовче што го тресе трилетна треска кога ќе надојде реката покриена со пена. Удираат матните бранови по градите на мовчето а тоа стенка, се ниша, крцка, чиниш ќе се урне во пената и ќе отпатува кон морето.

Но мовчето се држи, та може да се мине преку него и да се стигне до едно весело дуќанче со секакви играчки: топки, кукли, палјачовци, труби…. За балони и да не шепотиме.

Ќе дојдат деца, ќе ти ги залепат дамкавите носиња на стаклото и ќе гледаат во шарениот свет.

И којзнае до кога ноќите и дните ќе беа исти во тоа дуќанче, ако еднаш…

Чекај, сето тоа беше вака…

Во дуќанчето донесоа, од фабрика, голем и тежок сандак. Стариот продавач го откова сандакот и извади од него сто страшни оловни војници, два авиона и еден топ. Ги нареди старецот војниците, авионите и топот на едно поличе, ги избриша очилата, завитка шал околу вратот и излезе од дуќанот. Ветрот немирник појде по него, белки ќе му ја симне шапката од глава, но старецот се сети и влезе во една крчма.

БЕЛЕШКА ЗА АВТОРИТЕ

Славко Јаневски (1920-2000) е најважниот македонски писател за деца, а можеби и за возрасни. Пишувал книги за деца, романи, песни, филмски сценарија, есеи, патописи… Од 1945 година бил уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, меѓу другото и на списанието за деца „Титовче“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“.

Во Темплум во 2014 г. беше објавен избор од неговите песни за деца под наслов „Како така? Зошто така?“ Сè да знае светот сакал! со илустрации на Владимир Лукаш. Во Темплум излезе и избор од неговата поезија, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми.

Наташа Андонова (1974, Скопје) е ликовна уметница, илустраторка, костимографка, сториборд артистка и аниматорка. Театарска и филмска костимографија работи од 1998 г. како автор и асистент во низа театарски проекти, вклучувајќи детски куклени претстави. Во филмската дејност работела како костимограф, сет дресер, сториборд цртач и видео аниматор.

Во областа на ликовната уметност реализирала десет самостојни изложби и бројни групни изложби во Македонија и странство.

Идејата на оваа едиција, која вклучува домашни автори – поети, писатели, уметници и илустратори, е да се спојат старите и новите автори, како и старите, класични вредности, со новите, актуелни вредности. Постарите, делумно подзаборавени дела на значајни претставници на македонската книжевност, преку оваа едиција добиваат ново руво, осносно првпат овие текстови се објавени во вид на сликовници, визуелно поддржани од страна на најдобрите современи уметници и дизајнери, велат од „Темплум“.