Промоција на македонски производи во Скопје

Околу 250 излагачи од над 30 општини, земјоделски задруги и здруженија, промовираат домашни производи со цел зајакнување на врската меѓу руралните и урбаните заедници како дел од манифестацијата „Храна од општините“ под мотото „Од нива до трпеза – сè од нашата општина“, што се одржува денеска во Скопје во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, а со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Посетителите на манифестацијата имаа можност да дегустираат автентични производи од секоја општина, да се запознаат со занаетчиски изработки и да се поврзат директно со производителите. Целта е да се промовира традиционалната македонска храна, карактеристична за секоја општина, како и убавините на нашиот рурален туризам.
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на манифестацијата ја истакна важноста на земјоделството како темел на националната економија и иднина.
„Денес сме тука да ја испратиме силната порака дека македонската земја храни, дека македонската трпеза има иднина, и дека македонскиот народ се потпира – и ќе продолжи да се потпира – на трудот, знаењето и љубовта со кои нашите земјоделци ја обработуваат земјата. Оваа манифестација е симбол на цел еден синџир кој започнува со утринската роса на македонските полиња, продолжува низ потта на земјоделецот, преку вештината на преработувачот, до вкусот кој го чувствуваме во секое домашно јаболко, секое сирење, секој домат од македонска земја“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека земјоделството е стратешки приоритет на Владата, нагласувајќи дека во изминатите 11 месеци се исплатени над осум милијарди денари во субвенции и финансиски поддршки кон земјоделците.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ја нагласи улогата на руралните средини како чувари на македонскиот идентитет и ги повика граѓаните да го поддржат домашното производство.
„Руралните средини не се само извор на храна, туку и чувари на нашата култура, традиција и идентитет. Затоа министерството посветено работи за да обезбеди достапна, квалитетна и безбедна храна за сите граѓани. Денешниот настан е доказ дека интересот за промоција на македонските производи е огромен“, рече тој.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, каде што се одржува манифестацијата, истакна дека фестивалот е симбол на почит кон трудот на земјоделците, занаетчиите и младите производители.
Претседателот на здружението „Наша традиција, наша иднина“, Јордан Настов, нагласи дека Македонија е мала држава но со богата историја, култура и традиции кои што се разликуваат од регион во регион зависно од тоа какво е поднебјето. (МИА)