Промоција на книги есеи на Елизабета Шелева во Македонскиот КИЦ во Софија


На 9 октомври (четврток), од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи промоцијата на книгите есеи „Од личен агол“ и „Книга 2020“ на проф. д-р Елизабета Шелева. Промотор на литературните дела од проф. Шелева ќе биде проф. д-р Кристина Николовска (литературен критичар и теоретичар), а модератор на литературната вечер – Михајло Свидерски (писател, преведувач и издавач).

На средбата со софиската публика, авторката ќе го сподели своето богато искуство и повеќедецениски ангажман во областа на компаративната книжевна наука, книжевната критика и теорија, афирмацијата на современата македонска литература и нејзините врски со другите европски и светски литератури

Елизабета Шелева е истакнат припадник на првата генерација македонски компаративисти, која во континуитет од четири децении наназад неуморно го трасира патот и го збогатува креативниот и научен придонес на македонската критичко – теориска школа.

Нејзините првични критички објави и есеи беа печатени не само во домашната, туку и во југословенската периодика, во угледните списанија од Белград, Сараево, Нови Сад, Загреб, Подгорица, како што се: Књижевна реч, Књижевне новине, Dalje, OKO, Polja, Ovdje, Zarez.

Во целиот свој работен век, Шелева е подеднакво застапена како активен двигател на книжевно-научната мисла, чиешто име и дело е препознаено и признаено како авторитетно, не само во Македонија, туку и во странство и затоа била ангажирана како визитинг професор на повеќе странски универзитети (Хале, Загреб, Љубљана, Белград, Дубровник).

Како истакнат научен истражувач Шелева учествувала во 12 научни проекти на МАНУ, вклучително, и меѓународни проекти, остварени во соработка меѓу МАНУ со БАН, односно со САНУ.

Освен тоа, Шелева е паралелно присутна и ангажирана во културниот живот на земјата, како учесник и двигател на новите творечки движења во литературата. Таа дебитира на македонската книжевна сцена во средината на 80-тите години, како активен член и критички промотор на тн. Петти круг, група од афирмирани и реномирани автори, чијашто автентична поетичка определба се нарекува постмодернизам.

Член е и еден од основачите на Здружението на Независните писатели на Македонија од 1994 год, а во периодот од 2011 до 2017 год. била и претседавач на ова здружение, коешто беше формирано, по осамостојувањето на Р. Македонија, како творечка заложба и афирмација на новите демократски вредности во културата.

Повеќе од една деценија, Шелева е член на меѓународната жири комисија за доделување на книжевната награда “Балканика”.

Во периодот од 2017 до 2024 год, како истакнат стручњак и авторитет од областа на литературата, е именувана за претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата (којшто во нејзиниот мандат одбележа 60 години од своето постоење).

Шелева е долгогодишен и активен член, а била и потпретседател на македонскиот ПЕН центар (2021-2023).

Шелева е член на Academia Balkanica Europeana, со седиште во Романија.

Авторка е на 300 трудови и 13 книги од областа на книжевната критика и теорија.