Промоција на книгата „Градот и идентитетот – филмски репрезентации“ од Елена Копртла
Книгата „Градот и идентитетот-филмски репрезентации“ од Елена Копртла вечер во 18, 30 часот ќе биде промовирана во Скопје. Издавач на делото е издавачката куќа „Чудна шума“, а промоцијата ќе ја водат Ивана Васева и Влатко Галевски.
Од „Чудна шума“ истакнуваат дека целта на оваа книга е да поттикне историско разбирање на филмските интерпретации на градот и идентитетот на градските средини.
– Урбаниот идентитет е идеја блиско поврзана со вистинскиот или со идеалниот пејзаж. Етничкиот идентитет е оној што го обликува урбаниот, како и стремежот кон идеалниот идентитет, и е производ што е подложен на интерпретации кај поединецот и институциите во одреден културен контекст, се вели во соопштението.
Од „Чудна шума“ наведуваат дека анализата на филмскиот град ги обединува историјата на уметноста, архитектурата, антропологијата, урбаните и социолошките студии, а филмскиот пејзаж се протега далеку зад екранот, за да се преиспита како преку своите пејзажи го прераскажуваме својот идентитет и како го дефинираме својот опсег во глобалната филмска заедница.