Промоција на „Драмолетање“ – книга драми во издание на МТФ „Војдан Чернодрински“


Во издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп вечер во 19 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе биде промовирана книгата „Драмолетање“. Четири драми избрани од првиот повик и пичинг форум што се организираше во рамките на 59-то издание на фестивалот, се застапени во ова важно издание за македонската драматургија. Станува збор за „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески.

Од  МТФ „Војдан Чернодрински“ информираат дека секој од овие текстови претставува оригинален авторски глас и отвора сопствено сценско истражување – од интимни и егзистенцијални прашања, преку социјални и политички теми, до хумор и апсурд. Со оваа книга започнуваат да градат архив и сведоштво за новата македонска драма – чекор кон нејзина поддршка, афирмација и присуство на сцената.

За драмите и за платформата „Драмолетање“ ќе зборуваат Ана Стојаноска, директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ и Петар Антевски, продукциски координатор на фестивалот и приредувач на изданието. На промоцијата ќе присуствуваат авторите на драмите, а ќе бидат прочитани и извадоци од истите.

Со оваа селекција не сакаме само да претставиме избор од новата македонска драматургија, туку и да создадеме архив и сведоштво за еден процес што започнува. А со оваа книга, за првпат публиката ќе има можност да ги прочита овие текстови што го отвораат патот за нови авторски гласови и современи сценски идеи. Драмолетање за нас претставува значаен чекор во поддршката и афирмацијата на новата македонска драма. Со оваа иницијатива целиме да создадеме платформа што го поттикнува развојот на драмата и нејзиното присуство во театарската сфера.

„Драмолетање“ е новата платформа на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, посветена на современата македонска драма, создадена со цел да им даде простор на авторите, таа отвора можност нивните текстови да го најдат својот пат до сцената.