Промени во игрите за среќа – заради државата или заради бизнис интереси на ДУИ?

Со обвинувања дека се работи за закон за бизнис интереси на Артан Груби и ДУИ што нема да ги заштити децата, туку напротив ќе го внесе коцкањето во нивните домови, собраниската Комисија за европски прашања го усвои предлог Законот за изменување и дополнување на игрите на среќа. Опозицијата обвинуваше дека се злоупотребува европското знаменце за носењето на законот и дека целта е парите од коцкањето да завршат кај фирми блиски до ДУИ. Власта се бранеше дека законот се носи за заштита на децата и ставање ред во коцкањето. „Ако ВМРО-ДПМНЕ има такво искуство со провизиите, ние такво немаме“, одговори пратеникот Арбер Адеми од ДУИ.
Со предлог законот се забранува да има автомат клуб, спортска обложувалница или друг објект за игри на среќа на 500 метри од училиштата, но се отвора и можноста за организирање игри на среќа преку интернет. Државната видео лотарија веќе објави јавен повик за три странски фирми кои во соработка со државната лотарија ќе организираат игри на среќа на интернет.
„Кога има сиромаштија, се зголемува и коцкањето, а власта сега го олеснува. Не само што не ги оддалечуваме, туку сега ги внесуваме угрите на среќа во нашите куќи. Со технологијата, преку таблетите, преку телефоните, на некој начин овие игри на среќа ги внесуваме во нашиот дом и работата од 500 метри се заборава“, изјави пратеникот Фадиљ Зендели од Беса.
Здружението на вработени во игри на среќа реагира дека носењето на овој закон ќе ги остави без работа, а игри на среќа на интернет ќе организираат странски фирми со по неколкумина вработени. Според реакцијата, не постои ниту едно логично објаснување зошто по секоја цена се туркаат скандалозни и противуставни измени на Законот за игрите на среќа и забавни игри.
„Во услови на инфлација, растечка сиромаштија, ценовни шокови, непрекинато иселување на работноспособно население, да се усвојуваат решенија кои ќе остават на улица 10 илјади вработени, е надвор од секаква здраворазумска логика. И уште сето ова се прави со злоупотреба на ЕУ знаме“, порачуваат од здружението нарекувајќи го законот „неправда“.