Пролетната сеидба во криза по големите поскапувања на нафтата и ѓубривата

Земјоделците во голема неизвесност. Владата засега молчи, иако многу земји во регионот ги ставија земјоделците први на листата за помош во овие времиња


Кризно време за земјоделците

 

БИТОЛА – Пролетната сеидба влегува во криза, бидејќи по поскапувањето на нафтата, поскапеа и ѓубривата и сточната храна. Тоа значително им ја отежнува работата на македонските земјоделци и сточари кои сами произведуваат храна за добитокот.

Од ден на ден ситуацијата се влошува, а засега нема кризни мерки од Владата иако во држави на Балканот и соседството владите веќе нудат помош за земјоделците само да продолжат со производство на храна.

Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика од 23 март горивата повторно се продаваат по повисоки цени.

„Ова е кризно земјоделие, а се нема слух за нас земјоделците. Нафта ни точат само во тракторите. Треба да ни дозволат полнење во канистри за да го оптимизираме искористувањето на горивото. Значи, во еден правец патуваме 25 километри и 25 назад, пола резервоар го трошиме на пат, а што ќе остане за орањето. Не ни даваат нафта да наточиме за залиха. Сега ни е потребна ‘зелена нафта’ како помош од владата за да можеме да функционираме во оваа кризна ситуација“, се жалат земјоделци од Пелагонија.

Лани во септември на национално ниво, преку ПЕ на МЗШВ беа распределени картички за 46.272 земјоделски стопанства, во износ од 540 милиони денари. Картичките можат да се користат заклучно со април.

Во март 2022 година кога почна војната во Украина, тогашната влада предводена од СДСМ поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива донесе програма за интервентен фонд во вкупна вредност од 120 милиони денари – поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар. Мерката се реализираше.

Сега по отпочнувањето на војната на Блискиот Исток земјоделците повторно чекаат помош од владата.

За 30 до 40 проценти се покачија цените на ѓубривата и сточната храна. Земјоделците пресметуваат – за 1 хектар треба прихрана од најмалку 250 килограми ѓубриво, тоа се 10 вреќи по 25 кг. Тие чинеа 6.500 денари, сега со поскапувањето 9.500 денари.

Земјоделците веќе ги запалија тракторите да извршат прихрана на почвата и да ги спремат нивите за пролетната сеидба.

„Денес ќе фрламе ѓубриво на нивите. Ова што сега ќе го користам го купив пред да избие војната во Иран по цена од 650 денари за 25 килограми. Сега истото ѓубриво чини 950 денари. Премиерот донесе добар пакет за нафтата, но мора да донесе еден пакет и за нас земјоделците и сточарите, затоа што не можеме храна да произведиме со овие скапи ѓубрива и земјоделски препарати. И семињата поскапеа за 40 проценти. Повеќе не веруваме во министерот за земјоделие и бараме директна средба со премиерот, инаку не чини работата со 100 денари нафта и со 950 денари вреќе ѓубриво. Не можеме храна за стоката да собереме и ќе бидеме принудени да ја продаваме“, реагира сточарот Тони Петковски – Паша и наведува дека и сточната храна е поскапена.

„Едно вреќе сточна храна по војната поскапи на 500 денари за 30 килограми количина. Пченицата и пченката 14 денари за килограм. Бараме итно помош од државата“, повика сточарот Петковски кој воедно е претседател на здружението на земјоделци „Пелагонски поле“.    

Според информации од земјоделски аптеки од Битола и трговци со ѓубрива, цените за ѓубривата се берзански и се менуваат на дневна основа.

„На големо продававме ѓубрива паковани од 25 кг. по цени од 850 до 870 денари. Денес уреата од 25 кг. чини 1.200 денари на берзата. Сѐ зависи од каде се увезува. Од Албанија е поевтино, од Грција поскапо“, ни изјавија од земјоделски аптеки од Битола. 

Во вакви услови земјоделците очекуваат зголемување на цените на земјоделските производи, бидејќи најголем дел од репроматеријалите се набавуваат од Блискиот Исток. 

Претседателот на Националната федерација на фармери, Стеванче Јорданоски, деновиве изрази надеж дека МЗШВ навреме ќе преземе мерки и ќе се активира т.н. кризен фонд со цел да се ублажат последиците од кризата.

„Со моментното случување во светот и војната се случија големи турбуленции на берзите на нафта, а и сите репроматеријали и ѓубрива доаѓаат од тој регион. Очекуваме големи зголемувања на цените и во малопродажба. Државата, односно Министерството за земјоделство, треба навреме да преземе мерки, како што е активирање на т.н. кризен фонд за да излезе во пресрет при набавката на репроматеријалите, односно ѓубривата“, повика Јорданоски.

Министерот за земјоделство  Цветан Трипуновски возврати дека состојбата се следи секојдневно и ако има потреба, ќе интервенираат со соодветни чекори.

„Она што е важно во делот на цената на ѓубривата и на нафтените деривати е дека како Министерство ги следиме состојбите секојдневно. Ќе видиме во каков правец ќе се движат. Доколку има потреба, како Министерството ќе излеземе со конкретни мерки и предлози за санација на таквата состојба“, рече Трипуновски.

Земјоделците бараат владата да се огледа на она што Грција и Хрватска го парават овие денови за нивните земјоделците во пресрет на пролетната сеидба.

Грција за април и мај, донесе четири економски мерки за справување со последиците од војната на Блискиот Исток, во висина од околу 300 милиони евра и најпрво ги вметна земјоделците со субвенција за ѓубривото. 

Хрватските земјоделци добија помош од 20 милиони евра за пролетната сеидба, еднократна поддршка по хектар. Медиумите јавуваат дека овогодинешната пролетна сеидба се одвива со силно зголемување на влезните трошоци и на ѓубривата од 20 на 25%, на горивото од 10 на 15%, и на средствата за заштита повеќе од 30%.

Затоа, преку Програмата за поддршка за пролетна сеидба и садење во вредност од 20 милиони евра, се воведува еднократна поддршка по хектар за земјоделците во износ од 100 евра за првите десет хектари и 50 евра за следните десет хектари, најави премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, додавајќи дека  исплатата ќе се изврши во првата половина од 2026 година.