Пролетен (флерт)


ЛЕЈЛА САБИТ

Во Скопје, по сонце, доаѓа дожд, и по дожд, сонце, а може да ве изненади и снег.

Како семејство што многу се сака, а не сака да се види.

Од топло ладно, од ладно топло, во зима беше пролет, а пролетта флертуваше со зимата.

(Не) времето, како и пандемијата ни ги расипува плановите, муабетите, гардеробата и расположението, кафето си го пиеме по дома или го носиме со себе, а чадорот и чувањето на здравјето станаа задолжителен моден и животен додаток.  

Во природата, како и во животот нема правила.

Понекогаш сте среќни, понекогаш несреќни, понекогаш сакате, понекогаш мразите, понекогаш сте еуфорични, понекогаш молчите, понекогаш сте храбри, понекогаш кукавица, еднаш крал, друг пат просјак, еднаш здрави, друг пат се борите за здив или за живот…

Рајот преку ноќ се претвара во пекол, здравјето во болест, слободата во затвор, профитот во банкрот, а луксузот во беда.

Затоа не е битно кој сте, што сте, и од каде сте, туку што човек сте и што карактер имате.

Дали сте ангел, ѓавол или патник кој ги осознал сите овоземски мудрости  и не ги повторува истите грешки.

Тенка е линијата меѓу добивката и загубата, доброто и лошото, лагата и вистината, сакањето и омразата, убавото и грдото, што е за, а што контра, што е напред, а што е назад, што е успех, а што неуспех.

Во Македонија често се мешаат баби и жаби од незнаење, ќеф или од инает, а и пролетта кратко трае. Како и некои пријателства, врски, бракови, ветувања, договори, одлуки и политики.

Затоа се радуваме кога сонце пак ќе не огрее. Го користиме секој момент да бидеме надвор, што заради витамин д, што заради намалување на заразите од ковид.

Кога е сонце, а врне дожд, старите велат мечка се жени.Потоа на хоризонтот се појавува виножито. Во тој момент животот престанува да биде црно-бел. И така не го прават крајности, туку нијанси.

Обои не!