Производните цени во Германија паднаа за прв пат од крајот на 2020 година, струјата за дури 30 отсто


Во јули, цените на производителите во Германија паднаа на годишно ниво, за прв пат по повеќе од две и пол години, под притисок на падот на цените на енергијата, покажаа податоците на германскиот статистички институт Дестатис. Во јули оваа година, цените на производителите паднаа за шест отсто во однос на истиот месец претходната година, кога скокнаа како резултат на војната во Украина, објави во понеделникот заводот за статистика.

Ова е прв годишен пад на германските производни цени од ноември 2020 година и најостриот пад од октомври 2009 година, кога владееше финансиската криза.

Во јули цените на енергенсите паднаа за 19,3 отсто во однос на истиот период лани, бидејќи цената на струјата нагло падна, при што струјата поевтини во сите групи корисници за 30 отсто.

Ако се исклучат цените на енергијата, производствените цени во јули биле за два отсто повисоки од истиот месец лани.

Во споредба со јуни годинава, цените на производителите во Германија се пониски за 1,1 отсто, покажуваат податоците на Дестатис.

Индексот на цените на производителите на Германија, кој ги мери промените во цените на стоките што ги продаваат производителите, се смета за клучен показател за инфлацијата, која забави на 6,5 отсто во јули во најголемата европска економија.

Слабеењето на инфлаторните притисоци во Германија и во целата еврозона следеше по наглото зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка минатата година. Но, тоа предизвика забавување на економскиот раст, како и слабеење на побарувачката, па под притисок се и производствените цени.