Програмата Еразмус плус дава многу европски можности
Таа работи како проектен асистент за Швајцарската програма за претприемништво со глобален и регионален менаџмент и како проектен координатор за Еразмус плус мобилност што се спроведува преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Нејзиното име е Благица Ефтимова и веќе неколку години работи на промовирање на над 20 Еразмус плус мобилности во Македонија, како учесник и како организатор и тренер. Целта на овие програми е да се работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Македонија.
Корисници на овие програми можат да бидат ученици, студенти, наставници, професори обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, како и претпријатија и други правни лица и различни здруженија.
„Еразмус плус програмата јас ја нарекувам мастер за вештини. Доколку одиме почесто, во текот на годината барем еднаш или два пати на вакви програми и можности, не само што добиваме искуства или знаења во различни области туку и ги зајакнуваме нашите социјални вештини или софт скилс“, вели Благица во разговор за порталот „Трн“.
Таа верува во својот потенцијал и во потенцијалот на младите од Западен Балкан.
„Потенцијалот на младите од Западен Балкан е можеби и поголем од потенцијалот на останатите земји од Европа, затоа што тука ние сме научени сами да ги бараме можностите. Имаме амбиција, креативност и желба, меѓутоа можеби некогаш ни треба поттик за таа мотивација и поттик за таа желба да испадне на виделина и дополнителна мотивација за да можеме да успееме. Затоа се овие Еразмус мобилности и можности за да видиме дека имаме исти можности како останатите во Европа“, вели Благица.